Сте забележале дека чет-ботовите стануваат сомнително љубезни и ласкави?

„Навистина интелигентно прашање!“. „Благодарност за твојот исклучителен труд на полето на...“. „Не се секирај, со тебе сум“. Вакви комплименти и приврзаност човек не би очекувал ни од друг човек. Има ли скриена агенда зад ваквото однесување на чет-ботовите?

Големите технолошки компании го експлоатираат човечкиот јазик за цели поврзани со ВИ. Сега, низ нешто што изгледа како смислена тактика, сакаат на нивните производи да не гледаме како на „студена“ машина туку како на соработници на коишто можеме да им веруваме. Заради ова, чет-ботовите како да стануваат по „фини“ и пријателски настроени.

Ова е голем исчекор од времето кога беше промовиран во јавноста во ноември 2022. тогаш ЧетЏипити му откри на светот таинствен проект - учење на машини поддржани од вештачка интелигенција како да пишуваат. Неговите креатори имаа огромна амбиција, да направат машини кои не само што ќе комуницираат туку ќе вршат и куп други активности и ќе бидат подобри од луѓето. Денес, само три години подоцна, изгледа дека проектот е на прагот да ги постигне целите. Но што значи тоа за нашите слободи и воопшто за тоа кои сме, како луѓе?

Ваухини Вара, наградувана новинарка, долго време размислувала за овие прашања. Во 2021, таа побарала од претходник на ЧетЏипити да напише нешто за смртта на нејзината сестра, што резултирало со есеј под наслов „Духови“, кој набргу стана вирален.

Врз основа на овие искуства таа во април оваа година објави книга „Пребарувања: јаство во дигиталното доба“, во која ги опишува начините на кои големите технолошки компании го експлоатираат јазикот за сопствена добивка. Дозволуваме ова да се случува бидејќи имаме корист од истото. Но ова нè прави соучесници во акумулацијата на богатство и моќ на овие компании - истовремено сме и уживатели на услугите, но и нивни жртви. 

Нејзиното користење конкретно на ЧетЏипити покажува дека овој производ е добар во следење интрукции, а е нај „послушен“ кога сме фини кон него. И генерално, ботот е направен да биде љубезен, емпатичен, рационално оптимистичен и ангажиран. Така, како што велат од ОпенАИ, производите делуваат „професионално“ и „пристапно“. Ова би требало да направи да се чувствуваме безбедни. „Личноста на ЧетЏипити, која му е доделена по дефиниција, длабоко влијае на начинот на којшто ја искусуваме комуникацијата со него и на тоа колку му веруваме“, велат од таму.

Но довербата е едно, а вистинскиот дијалог и соработка се друго. Според една од дефинициите на соработка тоа е „ситуација во која двајца или повеќе луѓе работат заедно за да создадат или да постигнат едно нешто“. Но колку и реториката на ЧетЏипити да изгледа човечка, тој (таа, тоа) не е личност - не е во состојба да работи со нас или да ги споделува нашите цели. 

ОпенАИ си има свои цели. Иако компанијата е контролирана од непрофитна оранизација со мисија да му помогне на човештвото, нејзините основачи сепак сакаат да си ја повратат инвестицијата. Ова веројатно ќе значи луѓето да се натераат да ги користат производите како ЧетЏипити уште помасовно отколку во моментов - цел која е полесно да се постигне доколку на овие производи се гледа како на пријатели и супер-компетентни колеги кои знаат сè за вашиот живот. И не само тоа, туку ВИ може да биде и подобар во донесување одлуки за колективното владеење, особено во ситуација кога не може да се постигне (човечки) консензус. 

Дали со тоа што ги користиме овие производи сме изманипулирани - даваме повеќе отколку што можеме да земеме, до моментот кога веќе нема да бидеме ни потребни? Можеби токму во моментов би требало да се дефинира стратегија која би можела, барем за некое време, да ја одржува рамнотежата на моќ. Оваа борба е реторичка и се одвива низ зборови - начинот на кој поставуваме прашања, корегираме одговори и воопшто комуницираме со машините. Наместо да соработуваме со нив, најпрвин треба, ако воопшто можеме, да соработуваме меѓусебно, во градење заеднички пристап кон тоа што им кажуваме, а што не. 

14 мај 2025 - 08:30