Победници од литературниот конкурс ЕВА

Букбокс деновиве учествуваше во жирирање на еден литературен конкурс. Ова се победничките и нивната баш фина поезија.

Наспроти очекувањето дека после третото од 162 пристигнати дела ќе нè фати сафра, бевме изненадени од нивото и креативноста на пристигнатите дела. Тие беа на слободна тема, на англиски или македонски јазик, по избор на учесникот. Сепак јас, Зорица Петкоска (писател и преведувач), Јурак ОТ Петроф (писател) и Ева Нединковска (менаџер на Центарот за обука ЕВА и филолог), бевме согласни околу победниците во двете групи - под и над 18.

Наградите се признанија, целосни и парцијални стипендии за програмата за креативно пишување, објава на делата во BookBox и на онлајн платформите на списанието Ш и Излез, и книги од Англиски центар. Доделување на наградите и литературно читање ќе се случи на 18 јуни во КИЦ од 21 часот.

Тука ги објавуваме само победниците во двете категории - поезија од Маријана Аспровска и Сандра Никчевска, а останатите наградени и пофалени ќе ги чуете доколку дојдете на настанот.

Честитки на сите!

КАТЕГОРИЈА ПОД 18 ГОДИНИ

Маријана Аспровска

ДОЖДОТ

Шетам по дождот,
мирис на озон.
Слаба светлина наѕира од твојот прозор.

Дрворед без крај на змијата долга, ѕвезден сјај ја буди ноќта.
Месечина насликана на небото.

Мудроста стои на гранките,
зјапа и трае. Знае!
Мислите ми се во сенките.

Силен дожд измил сè,
само тага оставил.
Зарем заборавил?!
Утрото треба да донесе светлина.

Шетам по дождот,
мирис на озон.
Слаба светлина наѕира од твојот прозор.

БАРАЈЌИ СЕ, СЕ ИЗГУБИВ

Одев на едно место, на друго и на трето,
на четврто, а по некогаш и петто.

Секаде бев присутна,
но никаде не бев.

Многу нешта не правеа сè,
но сè беше нешто за мене.
Стигнував каде што одев,
иако никогаш не бев таму.

Чекорите беа мали за патот долг,

Тишината беше гласна,
а гласовите полека стануваа молк.

Знам, некаде стигнав.
Но таму не се наоѓав.

Не! Сигурна сум, бев таму!
Па што ако во гужвата бев сама?
Зарем барав нешто?
Требаше само да ме најде,
а јас се изгубив.

Одејќи,
желбата стана копнеж
и јас никогаш не го пронајдов тоа место.

КАТЕГОРИЈА НАД 18 ГОДИНИ

Сaндра Никчевска

архе

ме потсеќаш на мојот град
во годините кога лежеше болен.
таа пролет липите не расцветаа,
а јас и ти се разминувавме
на сите тротоари и семафори.
ти го научив чекорот, како ти мојот глас
и се смееше секој пат кога
ќе се качевме по волја на градот
во ист автобус;
се смееше и дента кога ме запозна,
ден по боја кафеав, ниту студен, ниту наш,
исто ко што времето
никогаш наше не беше -
исто ко што никое место не можам
по тебе да го паметам -
исто ко што ниеден добар збор
не може тебе да те опише веќе.

радост ти ќе бидеш

во шарени шалови, колку и да нејќе
сурово не лаже скопје дур е зима,
се тресе под капут и со отворени дланки
лови снегулки и верува дека уште е дете -
дека уште сака ко што сакало тогаш,
дека не го боли кога зениците му гаснат,
и дур неделата знае дека мамурно ќе ја мине,
пие туѓо време за да престане да расте.

(на)врат

спушти ги вселените
и пробај да фатиш ѕвезда во мрежа,
ко што фаќаше ко мал пеперуги
и чекаше да полетаат и следниот ден,
а тие никогаш не ти возвратија насмевка .
знам дека се сеќаваш на плоштадите
и улиците на кои си бил без мене,
а сепак таму некаде
се наоѓам и јас,
во нечија коса која мириса на сон
или во девојка со убав фустан
кој на себе никогаш нема да го облечам .

што сакаат нека речат --
ниеден песок
не дошол од сахара овде,
исто ко што клетките
не се делат исто
овде и во франција,
исто ко што мене секој тротоар ми значи приказна,
а некому скопје му е само град низ кој поминува.

30 април 2015 - 14:50