КУЧЕ
Со подзината уста која потсетува на човечка насмевка ги набљудува минувачите низ Трговскиот. Како телевизиски новинар - почетник се обидува во нив да препознае трпелив соговорник и добар табиет. Опавчето му е исправено како стрелка на метроном која го менува темпото од адаџо во алегро кога ќе му се приближи на потенцијалниот сопственик. Една госпоѓа во крзно елегантно гази по плочникот, така голема и рунтава го потсетува на мајка му во најдобрите денови. Тик-так, тик-так-тик-так..срцето му избива од градите дур со муцката се обидува да ѝ ги допре хулахопките. "Марш џукело", вика таа и со израз на гадење продолжува да чекори. Наскоро во гужвата исчезнува и мирисот на нејзините мускулести потколеници.
Караванот врви, а тој не лае. Ја поминува патеката од Соравија до Тера Нова безброј пати во текот на денот, еднаш со потскокнување, друг пат уморно ползејќи. Некогаш по цели денови преседува крај јавната говорница на средина од ходникот, тажно цвилејќи. Веќе не ни размислува за тактички потези, манипулативни трошоци и воени стратегии. Ништо од тоа досега не се исплати. "Првиот чекор за наоѓање газда е да се здобиеш со неговите симпатии" - пишува во прирачникот за склопување кучешко-човечки пријателства, илустрирајќи ја успешноста на советот со фотографија на кокетен пекинезер како целиот излигавен ѝ се потпикува на една средовечна дама, која со насмевка му подава копанче. Какво гребење за љубов, какво понижување. Првиот чекор некому да му влезеш под кожа е тој да ти даде шанса. The rest is history.
Го разбуди кркорење на цревата. Летото е добро за кучињата скитници - и покрај новиот закон за јавна чистота луѓето што шетаа по плоштадот навечер фрлаа по некој недојаден сендвич или ќеса со оладени пуканки. Малите деца кои тукушто проодуваа, само за глава повисоки од него, му правеа убав муабет и со него ги делеа смоките. Зимата е заговор на непријателите на бездомните кучиња и птиците, еднаш годишно да спроведат чистка и со студени оружја да им ги проретчат редовите. Цел ден мина во обиколка на кафаните и кантите за отпадоци - и ѓубрето го имаше погодено рецесија. Сè беше на попуст, секој секому попушташе, само жива глава да извлече. Нему попуштени му беа само нервите. Друго и немаше да понуди во општото ценкање.
Два залака намокрен ѓеврек и парче сомнителна 'посебна' салама подоцна, веќе беше уморен. Почна да се враќа кон неговото место, под ескалаторот кој го поврзуваше подрумот на трговскиот со првиот спрат. Момчињата кои некогаш работеа во ЦД-теката, сега затворена заради пиратерија, тука му направија засолниште од картон. Го тргна поклопецот од дувлото и токму сакаше да зачекори во него нешто го пресече. Тежок мирис на мокар човек небањат со денови се помеша со аромата на ванила која доаѓаше од слаткарницата од спротива. Домот му го беше завзел човечки бездомник. Му дојде да залае, да викне - марш џукело хомосапиенска - да го гризне или барем да го преплаши. Но кога им се сретнаа погледите метрономите почнаа да отчукуваат. Најпрвин многу бавно, речиси посмртно, потоа сè позабрзано. Двајцата се стуткаа под ескалаторот. The rest is history.
Дај шанса.
Илина Ј. (од книгата „Сонце во тегла“, 2009)