Сретен Божиќ: Србинот помеѓу австралиските Абориџини

На „опашката“ на актуелните настани со Ѓоковиќ на далечниот континент, искрснуваат приказни за други Срби кои „заглавиле“ таму, овој пат по своја волја. Новостекнатото име на еден од нив на јазикот на абориџините значи „утринска ѕвезда“. Му го доделиле како благодарност за неговото писателско залагање за нивните права.

Роден е во 1932 како Сретен Божиќ во селото Горња Трешњевица кај Аранѓеловац. Учел за пекар, а во 1950-тите членувал во писателско-работнички клуб во Белград. Објавувал поезија, а кратко време работел како новинар. Во 1958, откако на повеќе пати бил „опоменуван“ поради својот наводен национализам, забрането му е да работи во медиумите во тогашна Србија и во 1958 заминува за Париз. Таму ги запознава Жан-Пол Сартр и Симон де Бовоар и соработува во нивното списание „Модерни времиња“ (Les Temps Modernes).

Во 1960 се сели во Австралија. Во неговата потрага по работа како градежник и рудар, тој купи камила за да ја помине пустината Танами, каде се загубил и за малку ќе умрел. Бил спасен од домородец со чиешто племе потоа живеел 10 години. Името коешто му било дадено Б(анумбир) Вонгар, значи утринска ѕвезда или курир од духовниот свет. Ова за него е поттик да се заинтересира за нивните традиции и верувања кои англиската империјална култура со векови ги потиснувала. И покрај репресијата од страна на австралиските власти тој за нив почнува да пишува прозни, поетски и антрополошки дела. 

Неговите книги наидуваат на отпор на „белата“ Австралија, и оттаму најпрвин се објавувани во Америка, Европа и на далечниот Исток. Неколку пати присилно е исселуван од северот на Австралија каде главно живеат староседелците, а денес живее во Мелбурн. Иронично е што бегајќи од еден репресивен комунистички режим налетал на друг, наводно либерален, во кој бил прогонуван од истите причини - своите хуманистички убедувања.

Сепак, кога неговото дело станало познато во светот во 1997 конечно ја добива највисоката австралиска државна книжевна награда „Емеритус“. Но на доделувањето бил присутен само тој, неговата сопруга и службеникот кој ја врачувал наградата. Во јавноста немало никаква информација, а иако претходните добитници на „Емеритус“ до тогаш станувале кандидати и за други, уште повисоки меѓународни награди предложени од Австралија, тој ја немал истата среќа. Неговите романи сепак се преведени на голем број јазици и се усвоени како лектири во некои австралиски училишта. 

Првата негова книга се викала „Патеката до Бралгу“ и е збирка раскази инспирирани од традиционални абориџински легенди. Таа е онаа која му ги донела најголемите трауми во новостекнатата татковина. При спомнатата селидба од северот на југот на земјата тој најпрвин тргнал сам, а потоа требало да му се придружи сопругата Думала (доморотка) и нивните деца. Но како што подоцна раскажал во својот мемоар „Засолништето на дингото“, тие по пат се напиле вода од затруен извор и починале. Ова не го поколебало и тој продолжил со пишување, но и со документарна фотографија, како „Бумерангот и атомот“, збирка на неколку илјади црно-бели фотографии кои го илустрираат влијанието на рударењето ураниум и британското нуклеарно тестирање на територијата на Абориџините. Тие биле инспирација за неговата „нуклеарна трилогија“, романите „Валг“, „Каран“ и „Габо Џара“. Трилогијата најпрвин била објавена во Германија, преведена од оригиналниот ракопис од Анемари и Хајнрих Бол. Англиското издание излегло во 1988.

Но тогаш се случил инцидент - додека бил на работа, полицијата влегла во домот на Вонгар и му одзела необјавени материјали, како и единствената копија на ракописот за нов роман, „Раки“. Во 1990 познатиот австралиски автор Томас Шапкот (кој, патем, една година претходно го доби Струшкиот венец на поезијата), јавно истапил и поттикнал петиција ракописот да му биде вратен, но тоа не се случило и покрај тоа што на барањето се потпишале над 200 автори. На Вонгар му требале 5 години за повторно да ја напише „Раки“. По неа објавил уште една која го комплетира „нуклеарниот циклус“, правејќи од него квинтет.

Во 2018 за него е снимен едночасовен документарец, целиот тука:

главен извор

11 јануари 2022 - 09:38