Во мое време жените на мои години беа старици, кои во Мошченичка Драга седеа под дудинките и ужаснати гледаа како минувам преку плоштадот облечена во три крпчиња.
Ги сожалував злобните бабички и истовремено бев лута на нив. Со денови ме оговараа, а ноќе низ прозорецот на мојата екипа ги празнеа своите нокшири.
Една вечер на нас падна сивкасто, пластично забало. Полни со злоба ја гледавме разбушавената, белокоса вештерка како ползи по валканиот плоштад и ги бара забите кои мојата пријателка ги пикна во торба. Кога бабата се прибра дома, јас забите ги фрлив во море.
Зошто нè мразеше? Бевме млади? Врескавме, пиевме и се смеевме, беше два или три наутро, кој ѝ е виновен на бабата што не може да спие? Нека се убие!
Никому не му падна на памет дека старицата некогаш била млада, уште помалку ќе верувавме некој да ни кажеше дека еднаш ќе имаме 60 години. „Не му верувај никому над триесет", пееше Мик Џегер во мое време.
Денес веќе не ја пее таа песна, што никако не значи дека има над триесет, и дека ова време не е неговото. Минатата недела беше на свадба на ќерка си која е постара од него бар десет години. Момчето Џегер на своето момчешко тело навлече виолетово одело на риги.
Колку се сменија времињата. Некогаш луѓето на мои години смееа да бидат стари, денес врсничките и јас мораме да бидат девојки по кои ќе свиркаат клинци со шише пиво во рака.
Естетските хирурзи можат моите гради да ги направат поцврсти отколку што биле во '69-та, да ми стават румени јаготки на образите, да ми го избришат подбрадокот, д ами го израмнат стомакот, да ги избришат старечките дамки, да го ишмукаат салото, да ги напумпаат усните.
И момчињата од мојата генерација ги имаат истите можности, но не и потреби. Мажите се најпожелни помеѓу 67-80 година. Остри влакна, тврди како челични жици им ѕиркаат од носот и ушите и ги доведуваат до оргазам девојчињата помеѓу 16 и 26.
Погледот од нивните матни очи е повик за кревет, каде нивниот 'алат' никогаш не разочарува. Постојат волшебни пилули кои сирачето меѓу нивните нозе за десетина минути го претвораат во ростфрај држач за хартиени салфети.
Да, и моите врснички и јас можеме на илјада начини да се претвориме во истите парчиња како од наше време. Јас во такво издание не би се чувствувала добро, затоа што не ме интересираат дечките од ова време.
Ме фаќа ужас при самата помисла дека така подмладена би можело на улица да ми пријде некое момче со гел во косата. За што би зборувале? За мобилни? За музика? За која музика? Што се слуша денес?
Јас не знам што можам да му направам на мојот мобилен, ниту пак што може тој да направи за мене. Не знам да го вклучам телевизорот затоа што треба да бирам помеѓу шест далечински. Дали за тоа ми треба дечко кој испраќа пораки без да гледа во тастатурата, која јас не ја гледам ни со помош на наочари? Дали воопшто се вика ’тастатура’ тоа на мобилниот?
Понекогаш, кога ќе видам врсничка која изгледа како да оди на матурски испит, ја замислувам нејзината битка во кревет со дечко десет години помлад од син ми.
Што би му правела? Како би се свртила шест пати во половина час од една на друга страна? Дали вештачкиот кук би ја издржал таа егзибиција? А тој на неа во густата темнина? Какво е чувството да земеш во рака пластична цицка, да помилуваш лице затегнато како маска, да галиш стомак по липосукција?
А ако момчето, онака од ништо, одеднаш запали светло? И ги види бедрата премрежени со милиони виолетови капилари? Дали урлајќи ќе излета гол од куќата или само ќе умре од ужас?
Знам дека би морала да направам нешто за себе и на себе. Не е пристојно во свет во кој мажите во шеесетите се дечки а жените во четириесетата потрошени баби, да изгледаш како да имаш педесет.
Сепак, нема ништо да направам. И не сум огорчена што жените не смеат да остарат. Ме умори борбата за женски права, затоа што жените во неа не сакаат да учествуваат.
Наместо да ги шетаат наоколу своите стари обесени газови, онака како што мажите ги носат своите обесени гради, тие би сакале во шеесетата да бидат анорексични девојчиња.
Жал ми е за сиротите ко не знаат да уживаат во прошетка без шминка. Во здравјето кое се уште го имаат. Во внуците кои денес со три години знаат да вклучат цртан филм во кој грофта прасето Пепа. Во фактот дека уште некој сака да ги чуе. Мажот, децата, пријателките, познатите, соседите...
Стар си кога никому не му е гајле за твоето мислење. Неодамна го прочитав ова во една книга. Да сум помлада ќе знаев во која.
Секако дека ги избегнувам огледалата, во излозите никогаш од прва не ја препознавам жената која се загледала во црвените балетанки.
Да, жена во мои години не би требала да ја гледа жената која гледа во неа од огледалото, додека првава мие заби. Сигурно ќе ја фати криза и гласно ќе ја испрати вештерката таму каде вештерките не ги праќа пристојна жена во години на вештерка.
Сакам да кажам, стара сум! Да, стара сум! Не во најдобрите години. Па сепак од ден на ден сè повеќе ја сакам таа госпоѓа за која сите освен мене мислат дека сум јас.
И уживам кога е топло. И кога врне. И не го мразам јужниот ветер. Ни бурата. Сите тие жештини и бури и југа можат да ми бидат последни, зошто би го трошела животот на гнев?
Не можам да имам цврсти цицки или бедра, ни блескаво лице ни густа госа, но можам наутро во кафуле да се напијам макијато без кофеин и да помислам, животот е убав и денот е прекрасен.
Сакав само да ви кажам дека овие денови конечно си простив што наскоро, ако бидам жива, ќе го прославам 63. роденден.
авторка: Ведрана Рудан
извор: http://www.rudan.info/