Домородното северно-американско население има 60% повеќе шанса да страда од прекумерна тежина во споредба со белото население. Причини за ваквата состојба - социјални, економски - има повеќе. Но една организација од северно Ајдахо, под име Coeur D’alene tribe одлучила да преземе нешто, вклучувајќи ја традицијата во фитнес програмите.
Една таква рутина се вика „Пау-вау потење“ и вклучува серија видеа кои користат шест традиционални танци во склоп на вежби кои се објаснети чекор по чекор. Има тука и малку бокс, и крос-фит и пилатес, кои комбинирани со „опа иха“ добиваат оригинална форма.
„Пау-вау“ инаку се дружби и фестивали кои се оддржуваат од различни сверно-американски заедници. Во популарната култура, на пример во вестерните, терминот означува каков и да е собир на Индијанците. Во случајов со фитнес програмата, тој е искористен во хумористична смисла, за да привлече внимание и кај целната група (самите Индијанци) и кај останатото население.
Финансиер на програмата е Центарот за контрола на болести и превенција, која на спомнатата организација ѝ има доделено 2 милиони долари за да го промовира „потењето“, а и за да обезбеди здрава храна по бензинските станици во резерватите.
Ваквата специфична програма е одбрана затоа што не се состои само од физичка активност и забава, како поголемиот број мејнстрим фитнес програми, туку алудира и на традицијата и на духовноста. Така оние кои се пријавуваат за вежбање тоа го прават не само за да скокаат јаже 25 минути, или за да вртат статичен точак, туку и за да бидат во контакт со другите членови на заедницата, поддржувајќи се и поврзувајќи се преку танц-фитот (или фит-танцот). Можеби токму од ваквата комбинација произлегува и името на „Тешкото“?