Создадено платно кое може да ви го „слушне“ срцето

Истражувачите создадоа нов материјал кој истовремено реагира и како звучник, и како микрофон, регистрирајќи дури и тивки звуци и претворајќи ги во електрични сигнали. Носејќи ваков елек или кошула може да се одговара на телефон, и истовремено да се следат виталните параметри на телото на оној што ги носи.

Замислете дека имате проблем со движењето, и дека дури и посегнувањето по телефонот (или неговото барање низ куќа) ви претставува тешкотија. Решение - разговор преку вашата облека. 

Ова сценарио може наскоро да биде реалност поради ново истражување на инженери од MIT и нивни соработници од Школата за дизајн на Роуд Ајленд. Овие научници создале платно кое слуша звуци во и околу телото. Нивните наоди се објавени во „Нејчр“ од 16 март оваа година.

„Со носење акустична облека е овозможено одговарање на телефонски повици и комуникација“, изјавил водечкиот автор Веи Јан, кој е професор на Технолошкиот универзитет Нанјанг во Сингапур. Освен тоа, ова платно може да комуницира и со кожата на носителот, овозможувајќи следење на срцевите биења и дишењето, на начин кој е континуиран, пријатен и долгорочен.

За креирање на ваквото помагало тимот вградил флексибилни пиезоелектрични влакна во платно. Тоа се такви материјали кои генерираат внатрешен електричен полнеж, создаден под механичко дејство. Кога влакната се изложени, на пример, на звучни бранови, тие создаваат електрични сигнали, слично на тоа како функционираат нашите уши. Тие се комбинирани со вообичаен конец а потоа се вшиени во кошула. Еден од начините на нејзино тестирање било плескање со раце под различни агли во близина на облеката. Таа можела да детектира звук на 3 метра растојание, на кој платното реагира слично на комерцијален микрофон. Тоа регистрира звуци како човечки говор, пеење на птици па дури и шушкање на лисја. 

Влакната можат и да го нагласат звукот, што е корисно за детектирање пукнатини во згради, или да бидат вградени во рибарски мрежи за следење на рибите. Ова се смета за чекор напред кон претворањето на компјутерите во платно. 

извор

30 март 2022 - 07:51