Целосно неодржуван, тој е полн со стаорци и несоодветно чувани книги, кои од таму од време на време се фрлаат на некој отпад.
И немаше да поверувам, да не знаев за сигурно дека на голем број книги од факултетските библиотеки исто така им се има загубено трагата низ темните ходници на историјата и човечката глупост. И притоа не зборувам за собраните дела на Тито или Кардељ, туку за оригинални наслови на научни дела (Поенкаре, Дарвин, првите сто броја на списанието Mind), некои од нив со тврди корици и во златотиск - земени од германските библиотеки како поствоена репарација.
Кога еднаш се заинтересирав за една ваква книга, надлежните ме гледаа како шпиун на странска држава кој се обидува да изврши упад во безбедносниот систем на земјава. Други креваа со раменици. А јас од тогаш почнав повнимателно да набљудувам што сè се фрла кога пред мојот факултет застанува камион за стара хартија. Исто како и авторот на долниот текст, кој кога се празнела библиотеката на Факултетот по политички науки во Белград, во фрлените нашол и вистински бисери, од Кант до Рајх. На крајот на краиштата, и левичарската литература која по независноста масовно почнавме да ја фрламе, станува сè поактуелна. Собирачи на фрлени книги - обединете се! Можеби нешто напишано во книгите кои ќе ги спасите, ќе го спасат и светот.
Пред неколку месеци барав книга од Димитрие Туцовиќ во книжарницата Плато, немаше. Потоа преку пријателот Душко - чен на библиотеката - го барав Туцовиќ во локалната библиотека, го немаше. Неодамна колегата Тома ми рече дека го барал Ленин во градската библиотека - не го нашол. Во градот владее недостаток од леви книги.
Едно утро пред десетина години, мислам дека беше 2003., пристигнав на Факултетот по политички науки, како и обично, и здогледав полн контејнер книги (од оние големите, за стара хартија). Застанав да видам за што се работи - некои работници на задната врата исфрлуваа книги од Факултетот и ги товареа во контејнер. Набргу ние десетина книгољубци почнавме да копаме по купот фрлени книги. Забележавме дека тоа се главно стари, левичарски книги, печатени во периодот на СФРЈ, но имаше и разни други. Се качувавме по купот, роваревме, менувавме книги, грабавме...Кога малку се прибравме, и ги наполнивме ранците со добри книги, отидовме да ја прашаме библиотекарката што се случува тука, по ѓаволите?
Библиотекарката љубезно ни објасни дека Американците му подариле на Факултетот нов библиотечен фонд, дека во библиотеката ни во подрумот веќе нема место за нови книги, па мораат да ги исфрлаатт старите. Бидејќи имаат голем број примероци на стари комунистички книги, ги фрлаат за да направат место. Се прашуваме зошто книгите не ги подарат некому, но подготвено одговори дека тие никому не му се потребни, затоа што сите државни институции ги имаат повеќе од потребното. Прашавме дали дале оглас за подарување на книги, затоа што очигледно има луѓе на кои им се потребни, но тоа веќе ги надминуваше бирократските светогледи на таа добра и пристојна жена.
Го викнав соседот Воин на помош, кој набргу пристигна со неговата Лада Самара, која до врвот ја наполнивме со книги. Тогаш во мојата домашна библиотека ги ставив делата на Маркс, Енгелс и Ленин. Голем број дела на Димитрие Туцовиќ и Светозар Марковиќ. Разни списанија за филозофија и општествена теорија (Дело, Праксис, Култура, Марксизам во светот, Трет канал...). Ги имаше тука и Кант, Фром, Маркузе, Хабермас, а од класиците ги издвојувам Аристотеловата Политика и Платоновата Држава. Како посебно ретка посластица ја зграпчив книгата на Вилхелм Рајх, „Функции на оргазмот", која тешко ќе ја најдете во библиотеките. Интересно е дека меѓу фрлените книги се најде и книгата на тогашниот декан, Вукашин Павловиќ „Обновена утописка енергија", за младинските движења во светот помеѓу '60-тите и '80-тите години. Сè на сè едно несовесно и неселективно фрлање.
Во ова зло има и нешто добро - на овој начин книгите од правливите институции се симнаа кон народот, барем оние кои преживеаа. Сега левичарските книги ефтино се продаваат на старо. А јас некои од зграбените книги на Туцовиќ ги префрлив во електронски формат, па можете да ги читате онлајн.
автор: Дамјан Павлица
извор: е-новине
(ние нашите книги и ќе ги разменуваме)