Домородните јазици содржат огромно знаење за екосистемите и потенцијално корисните нешта содржани во нив за човекот. Но според ОН повеќе од 30% од 7,400-те јазици на планетава можат да исчезнат до крајот на овој век.
Она што често се игнорира е дека заедно со јазиците би исчезнало и еколошко знање за животната околина во која тие до тогаш постоеле. Доктор Родриго Камара-Лерет, биолог од Универзитетот во Цирих кој е раководител на нова студија на оваа тема вели дека фокусот на еколозите е на исчезнувањето на биодиверзитетот, но дека нештата можат да се гледаат и обратно - ако исчезне знаењето за биодиверзитетот, тоа е слично како да го нема.
Неговиот тим истражил 12,000 лековити растенија поврзани со 230 домородни јазици во три региони со висок лингвистички и биолошки диверзитет - Северна Америка, северо-западна Амазонија и Нова Гвинеја. Заклучокот е дека 73% од традиционалното медицинското знаење во Северна Америка е содржано во само еден јазик; 91% во северо-западна Амазонија и 84% во Нова Гвинеја. Доколку јазиците исчезнат, и ова знаење најверојатно би исчезнало со нив. Истражувачите очекуваат дека нивните наоди од овие региони би требало да бидат исти и во други делови во светот.
„Губењето на јазикот има посуштински последици по традиционалното знаење за лековитите билки отколку исчезнувањето на самите билки“, вели Камара-Лерет.
Регионите каде јазиците биле најзагрозени биле северо-западна Амазонија, каде 100% од ова специфично знаење е подржано од јазици кои се загрозени, и во Северна Америка со 86%. Проектираната загуба на јазичниот диверзитет во огромна мерка ќе ја компромотира можноста за идни медицински откртија.
Ваквите знаења вклучуваат користење на растителен латекс за третирање габични инфекции, кора oд дрво за дигестивни проблеми, плодови за респираторни нарушувања, како и природни стимуланси и халуциногени. Невозможно е да се процени што е веќе неповратно загубено. Како обид за спречување на понатамошно исчезнување на цели јазични светови, ОН објави дека 2022-32 ќе биде Меѓународна декада на домородните јазици.