Тоа дека уметноста го спасува светот звучи како излитена фраза - таа често делува немоќна пред сето зло кое човек може да му го нанесе на човека. Но понекогаш доволно е некому да му легне стих од песна или сцена насликана на платно во сосема поинакво време и од непознат автор за нешто во човека да „кликне“ и тој барем привремено да се охрабри и утеши.
Токму тоа му се случило на Бил Мареј, кој на прес-конференција по повод премиерата на филмот „Чувари на наследството“ (Monuments Men) од 2014 раскажал интересна приказна.
„Тоа беше кога почнав да глумам во Чикаго. Не бев многу добар. Се сеќавам на моето прво искуство на сцената - толку беше лошо што само излегов на улица и почнав да одам и одев неколку часови. Сфатив дека чекорам во погрешна насока. Не само во погрешна насока во смисла на тоа каде живеев, туку погрешна во смисла на желбата да останам жив“.
Додека се приближувал до езерото и се мислел дали да се фрли во него, се нашол пред Уметничкиот институт на Чикаго. Влегол внатре, иако воопшто не се чувствувал дека му е местото таму, потиштен и подготвен да умре. Се нашол пред слика чиј автор не го знаел, „Песната на чучулигата“. На неа е прикажана жена како работи на поле додека сонцето зад неа изгрева.
„Ја погледнав и помислив 'Види, тука има девојка која можеби нема некоја иднина пред себе, но сонцето без оглед на тоа изгрева и таа има уште една шанса'. Тоа ми даде чувство дека и јас сум тој некој што може да има шанса секој ден кога ќе го дочека сонцето“.
Името на сликата доаѓа од тоа што овие мали птици пеат наутро токму на изгрејсонце и тоа додека летаат високо во воздухот наместо во крошните на дрвјата како што тоа обично го прават други птици. Ова добро го знаел и самиот уметник-автор на сликата, францускиот природонаучник Жил Адолф Бретон од 19 век.