Денес во Градското собрание на Виена се одржа свечена академија и дискусија по повод 100 години од формирањето на тн. Виенски кружок - група елитни филозофи и научници од различни области кои од 1924-1936 редовно се среќавале на Универзитетот во Виена.
Кружокот имал огромно влијание врз развојот на филозофијата на 20-тиот век, особено на филозофијата на науката. Основач и постојан домаќин на овие средби бил Мориц Шлик, германски филозоф и физичар. Во 1922, тој презел катедра по филозофија на природата на Универзитетот во Виена, која претходно ја држеле Лудвиг Болцман и Ернст Мах. Веднаш се покажал како одличен организатор и поддржувач на талентирани поединци во филозофските и научните сфери. Иако групи за дискусија на универзитетот имало и претходно, кружокот што тој го формирал не вклучувал само познати научници туку и помлади студенти и докторанди, како и странски гости. Помеѓу другите активности биле и семинарите, на кои на глас се читале цели филозофски дела (на пример Логичко-филозофскиот трактат на Витгенштајн) а потоа текстот се дисецирал и коментирал реченица по реченица.
Кадешто има многу паметни и познати луѓе, таму има и необични случки. За една таква, кога Витгенштајн наводно го нападнал Карл Попер со маша за распалување оган пишувавме претходно тука. Но ова е во доменот на анегдотите кои додаваат зачин на за аутсајдерите сувите филозофски дискусии. За жал, историјата на Виенскиот кружок го одбележала и една трагедија.
На 22 јуни 1936, додека Мориц Шлик се симнувал по скали на Универзитетот во Виена, бил начекан од поранешен студент, Јохан Нелбек, кој го убил со пиштол. Шлик му бил ментор на докторската, која ја одбранил пет години претходно под наслов „Важноста на логиката во емпирицизмот и позитивизмот“. Од тогаш два пати бил во психијатриска болница, со дијагноза шизоидно пореметување на личноста. Извештајот од кривичниот суд регистрирал дека доктор Шлик бил погоден со 4 куршуми и подлегнал на повредите на самото место, пред да пристигне медицинската екипа.
Истиот тој суд пресудил дека Нелбек бил целосно compos mentis, односно при здрав разум, а тој самиот го признал делото и се предал без да пружи отпор. Но на рочиштата изјавувал дека анти-метафизичката филозофија на неговиот метор, под чие влијание сакал-нејќел морал да се најде, всушност му ги подрила моралните ограничувања. Во друга верзија се вели дека Нелбек всушност бил мотивиран од љубомора - не успеал да ја заведе колешката-студентка Силвија Боровицка, и западнал во параноидни идеи дека тоа е поради ривалството со Шлик.
Нелбек е прогласен за виновен и осуден, но поради растечкото анти-еврејско расположение, на некој начин станал славен. Иако Шлик бил германски протестант со потекло од Прусија, во јавноста бил претставен како „отуѓен“ Евреин. Откако излегол од затвор, порано отколку што предвидувала 10-годишната казна, работел во геолошки оддел на државна институција. Во 1951 дал на суд автор на книга за Виенскиот кружок, во кој овој го нарекол „параноиден психопат“. И денес на скалите на Виенскиот универзитет стои натпис онаму кадешто бил убиен.