Слатката приказна за стевијата

Карактеристична за Парагвај, Ка’а хе’е, како што оваа билка се нарекува oд домородното население, има долга историја која може да се следи низ нејзиното користење во традиционалната медицина, јапонската наука за храна и американскиот маркетинг.

Од нејзиното воведување во 2011, стевијата најпрвин го зазема пазарот на засладувачи во САД, а потоа и низ светот. Но историјата на ова растение е многу подолго. 

„Сладок лист“, „шеќерен лист“ или stevia rebaudiana, како што гласи неговото латинско име, е домородно растение карактеристично за Бразил и Парагвај и нивните влажни средини. Името на јазикот гварани гласи ка’а хе’е и значи „слатка билка“. Народот Гварани долго време ги имаат користено листовите како лековити, за регулирање токму на шеќерот во крвта. Со други зборови, тоа бил лек за дијабет многу пред дијабетот да стане модерна болест. Пред контактот со Европејците, Гвараните не го одгледувале растението (го береле само она што растело природно), ниту пак го користеле како засладувач. Всушност, тие ретко нешто засладувале, а кога го правеле тоа користеле мед.

Во раниот 20 век европските научници почнале да ја истражуваат Stevia rebaudiana, единствениот вид стевија кој е природно сладок. Швајцарскиот природонаучник Мозес Бертони го забележал нејзиниот потенцијал да биде моќен засладувач, тврдејќи дека дури и во дози кои се многу повисоки од неопходното (за нешто да се заслади) таа нема негативни ефекти врз телото.

Зборот за растението почнал да се шири и во 1928 Вашинтон пост известил за чудотворна билка која содржи супстанци кои се непознати на науката, а се 200 пати послатки од шеќер. Сепак, новинарот напишал дека таа остава горчлив вкус кој би морал да се разреши доколку стевијата сака да стане комерцијален засладувач.

Нештата не се помрднале до 1970-тите, кога јапонската влада ги забранила вештачките засладувачи како сахаринот поради можната врска со ракот. До крајот на 1973, 43 истражувачки центри во земјата го проучувале одгледувањето на ка’а хе’е и барале начин да се извлече негорчлив засладувач од неа. Овие производи бргу си го нашле својот пат во јапонските зачини, безалкохолни пијалоци и сладоледи.

До 1980-тите, Американците опседнати со диети почнале да се интересираат за овој „древен природен засладувач“ како што го нарекол еден весник. Но Федералната агенција за лекови го забранила увозот на стевија во 1991, наводно поради небезбедност. Некои извештаи од тоа време укажуваат дека производителите на вештачки засладувачи од тој период едноставно се обидувале да го спречат процесот. До моментот кога агро-конгломератот Каргил сепак успеал да добие лиценца за производи кои содржеле стевија, и тоа дури во 2009. До 2013, 47% од Американците веќе имале стевија во своите домови, иако малкумина од нив знаеле дека станува збор за растение од земјата на Гвараните. 

извор

10 јули 2023 - 17:04