Повеќето луѓе на ваквите цртежи (на своите или на туѓи деца) реагираат со тоа што ќе искоментираат дека се „слатки“ или, ако се во мрачни бои и со агресивни потези ќе помислат дека можеби тука нешто не е како што треба.
Но психолозите велат дека вавките реакции се базираат на надминато разбирање на детското цртање. Во текот на поголемиот дел од 20 век, нивните колеги претпоставувале дека детето постигнало високо ниво на цртачки развој ако можело да претстави нешто реалистично. Ако пак цртало нешто едноставно, како „стапче“ од човек со кругче наместо глава, а така цртаат повеќето деца во одредена фаза, тоа е заради непознавањето на тоа како е организирано човечкото тело. Ако пак се работело за уште повисока апстракција, тогаш детето не го разбирало предметот што се обидувало да го претстави. Но денес поголемиот број психолози дека ниту една слика која не изгледа „реално“ не е инфериорна или „погрешна“.
На децата, за разлика од нас, не им е гајле за реализмот - тие можат да нацртаат куќа во едно ќоше од страницата, а потоа пат кој некако лебди над неа. Тоа не значи дека не знаат дека како се поставени патиштата и куќите во реалноста. Наместо тоа, детето е позагрижено за постигнување некој вид визуелен баланс помеѓу предметите и да создаде нешто кое има смисла за човекот на кого му го покажува цртежот.
Исто така, цртачкиот развој не нужно води од апстракција кон реализам, иако со оглед на ликовното образование по школите кое инсистира на реалистичност ова често е неповратен процес. Детето може да продолжи со симболичкото претставување на нештата, преку мапи, шеми и симболи. И ова може да варира во различни култури.
(„Список за купување“, пенкало на хартија)
Таков е случајот од 1930-тите кој го опишува австралискиот антрополог Чарлс П. Маунтфорд, за дете од абориџинската заедница пораснато од европски доселеници. Тоа растело цртајќи вообичаени предмети како куќи и возови - но откако било споено со неговата абориџинска заедница почнало да користи исклучиво симболи како кругови и коцки, кои се вообичаени културни форми на изразување во неа. Она што на Европејците им изгледало како назадување (од пософистициран реализам кон попримитивно цртање) всушност е премин во различен цртачки „дискурс“, различен збир на културни симболи и реакција на очекувањата од возрасните за тоа што значи „добра уметност“.
Теориите за тоа колку културата влијае врз конструирањето на цртачките навики на децата варираат, особено во ера на глобализација каде ваквите граници се бришат, но суптилни разлики сепак има. На пример, децата во Јапонија цртаат човечки фигури со лица во форма на срце и со големи очи, што се толкува со влијанието на манга стриповите.
Цртањето за децата кои ја сакаат оваа активност значи многу - тие можат барем за момент да се повлечат во свој свет кој целосно ги апсорбира. Можностите за самоизразување се големи, исто како и потенцијалната терапевтска вредност. Притоа, не е важно само што детето нацртало, туку и како се однесува во текот на процесот и како го објаснува/коментира она што го прави. Прашувањето „што би требало да претставува“ цртежот често води во погрешна насока, затоа што детето може да го именува своето дело со некое едноставно име само затоа што тоа се очекува од него. Нарацијата во текот на цртањето притоа може да е многу подетална и да нема голема врска со крајниот наслов.
Накусо, детката уметност има своја логика, која не треба да се „исправува“ или контаминира со нашата. Следниот пат кога детето нешто ќе ви нацрта, не барајте со сила во цртежот ваш портрет или мртва природа. Оставете го да чкртка, додека му се може.
Јутјуб канал на соработка помеѓу мајка и нејзината мала ќерка - вторава почнува со чкртки, мајката се надоврзува со свој цртеж