При крајот на 1990-тите, Гугл ја претрка конкуренцијата во форма на други пребарувачи поради исклучителна иновација развиена од Сергеј Брин и Лери Пејџ: алгоритамот Пејџренк. Додека постарите пребарувачи, како АлтаВиста, Јаху и други се потпираа главно на фрекфенцијата на исти или слични пребарувани термини на различни сајтови, Гугл ги пронаоѓаше покорисните, со тоа што следеше кои страници имаат највисок квантитет и квалитет на линкови кои водат до нив. Идејата беше дека еден сајт е значаен доколку кон него насочуваат други, исто така важни страници. Брин и Пејџ сфатија дека интернет не е само лексичка околина, туку и социјална, во кои линковите значат престиж, а сајтовите во центарот на мрежите се оние во кои корисниците можат да имаат најголема доверба.
Идејата зад Пејџренк не беше нова. Социологот Џон Р. Сили во 1949 напишал дека „поединецот е престижен доколку е поткрепен од други престижни луѓе“. Во 1976 сличен пристап беше применет за библиометриката, па влијателни станаа оние научни списанија кои беа цитирани од други, влијателни списанија. Сепак, новото во врска со ПејџРенк беше неговата примена на интернет. Тој успеа затоа што зема предвид дека јазикот не се создава во вакуум. Комбинации на зборови зависат од други облици на поврзување - социјални и физички врски кои создаваат мрежа на репрезентација на реалниот свет.
Раните претстави за феноменот на хипертекстот беа дека тоа е алатка за документирање на тоа како човечкиот ум се движи од идеја до идеја, поврзувајќи надворешни поттици и внатрешни размислувања. Ова подразбира дека ниедно „гуглање“ не е исто за различни корисници, а и истиот корисник може да појде по различни патишта (односно да клика на различни линкови) создавајќи ја својата пребарувачка приказна дури и за еден ист термин.
Но сега Гугл и други сајтови го напуштаат пребарувањето по линкови во корист на ВИ четботови. Taка, линковите изгледаат како рани жртви на ВИ револуцијата откако големите јазични модели како Чет Џипити, Џемини и другите почнаа да ја апстрахираат информацијата презентирана онлајн во облик на резимиња на кои им недостасуваат извори. Се наоѓаме во момент во историјата на интернет во кој самиот линк - безбројните врски создадени од креаторите на сајтовите, бесконечната таписерија на идеи вткаени во едно цело преку чудото на интернет е во опасност да исчезне.
Надежта е во сајтови кои се навистина базирани на ВИ, но кои сепак не ги асимилираат линковите во анонимни текстови. Таков е Перплексити, платформа која на почетокот на секој одговор на прашањето на корисникот ги дава изворите, СО ЛИНКОВИ до нив. Ова е возможно затоа што станува збор за хибриден пребарувач комбиниран со ВИ јазичен модел. Нештата сепак се повторно сумирани од некој друг, а не од нашите ментални и интелектуални способности, кои можеби би направиле поинакви врски од понудените и би дошле до креативни одговори.