Сите ние сме Едвард Хопер

Веројатно нема подобра визуелна илустрација на осаменоста во модерната историја на уметноста, од делата на човекот кој сликаше социјално изолирани луѓе. Кои не изгледаат тажно, но сепак предизвикуваат чувства на носталгија и меланхолија кои тешко се изразуваат со зборови.

Жена седи сама во напуштено кино. Човек гледа низ прозорец, без присуство на друг во кадарот. Луѓе седат оддалечени едни од други во кафана. Антологиските слики на Едвард Хопер станаа „мемиња“ во време на пандемијата.

Роден во државата Њујорк во 1882, овој американски сликар од осамата направил своја доживотна тема. Во 1920-тите, додека генерација писатели и сликари се инспирирале од бескрајните забави во време на прохибицијата и џезот, Хопер се интересирал за оние кои изгледале како никогаш да не биле поканети на журка.

За неговите кутри души да се чувствуваат така, меланхолично, не е потребна пандемија. Бензински станици среде никаде, висококатници во кои секој живее изолирано во своето „кутивче“ - модерните градови и пејзажи за него се машини кои нè туркаат во осаменост. И притоа никој не знае што со себе, освен да медитира и да гледа во некоја замислена точка.

Во постарата уметност, да се биде сам има и свои добри страни. Во сликата под наслов „Св. Јероним во својата работна соба“ oд Дирер, еден пустиник изгледа совршено спокоен среде своите книги и миленичето-лав. Кај романтичарите пак, на пример кај Каспар Давид Фридрих, неговиот „Taлкач над морето магла“ активно бара изолација, за да може да ја доживее природата чиста, без човечко присуство.

Но во сликите на Хопер многумина не гледаат самодоволна осаменост, туку ужас. Еден од неговите најголеми фанови бил Алфред Хичкок, кој го засновал дизајнот на куќата во „Психо“ врз слика на Хопер на чудна стара куќа изолирана крај шини.

#Седидома на овие луѓе веројатно повеќе им звучи како клетва отколку како привремен, добар совет. Сликите на Хопер оттаму не прикажуваат некаква акутна ситуација, туку онаа хроничната, на модерниот човек, која за многумина ќе продолжи и по крајот на кризата.

Види претходно: Заборавениот уметник кој го подучувал Едвард Хопер

30 март 2020 - 12:31