Синот на Нобеловецот Кензабуро Ое е слеп и едвај зборува, но има продадено милиони албуми со своја музика

Хикари Ое се родил аутистичен и со пречки во развојот. Докторите се обиделе да ги убедат родителите дека треба да го остават да умре. Тие одбиле и се одлучиле за операција на мозокот после која тој останал слеп, епилептичен и со ограничена физичка координација. Но еден ден сосема тивкиот Хикари реагирал на звук на птица.

Кензабуро Ое (1935) е еден од најпознатите јапонски автори на сите времиња. Во 1994 ја добил Нобеловата за литература за „создавањето имагинарни светови каде животот и митот се спојуваат во тревожна слика за човечките предизвици денес“. До својата смрт во 2023, бил активен и на полето на борбата против нуклеарно оружје и на пацифизмот. 

Огромно влијание врз неговото творештво има неговиот син Хикари, кој се родил со толку сериозни здравствени проблеми што докторите сугерирале дека е подобро да биде оставен да умре. Но Кензабуро и сопругата одлучиле да му дадат шанса на слепото, епилептично и аутистично дете. Книгата од 1964, „Интимно прашање“ (A Personal Matter) ја опишува психолошката траума на авторот во процесот на прифаќање на вистината за неговиот син. „Исцелено семејство“ (Healing Family) од 1996 е мемоар на истата тема, во кој, триесет години подоцна, преовладува пооптимистичен тон. 

Тонот е променет не само поради тој процес на постепено прифаќање на реалноста, туку и поради тоа што во меѓувреме Хикари почнал да реагира звуци и тоа првиот пат на пеење на птица кое се слушало од телевизорот. Родителите му купиле плоча на која биле кажувани имињата на птиците пред снимка од нивната песна. Тој почнал да ги имитира овие звуци, што било прва форма на негова комуникација со околината. Наскоро бил ангажиран и професор по пијано, кој го научил на нотите и му помогнал да почне да компонира.

Денес Хикари има 61 година а зад себе неколку албуми кои содржат вкупно 12 дела. Првиот, „Музиката на Хикари Ое“ од 1994 (во два дела) се има продадено во милиони примероци. Музиката на него звучи камерно, на моменти барокно, и е исклучиво инструментална. 

„Се ужаснувам кога ќе помислам што можеше да се случи доколку мојот син никогаш не слушнеше музика, која стана суштински дел од неговиот живот. Уште повеќе, без неа ќе беше невозможно како семејство да ги надминеме бројните предизвици“, има изјавено писателот. „Да не почнеше да компонира, сигурно немаше да биде во можност, во било кој дел од својot живот, да ја доживее богатата, длабока, кристална и сјајна порака која се содржи во неа. Истовремено, ние никогаш немаше да сфатиме, ниту ќе можевме да замислиме, дека тој поседува ваков сензибилитет. Чувствувам дека ќе пропуштевме да ѕирнеме во некои од најзначајните и најпонизни аспекти на смислата на човечкиот живот“. 

 

 

23 септември 2024 - 09:29