Денес Оскарите се гламурозен спектакл со црвен тепих, музички настапи, политички пораки и долги говори, кои се очекуваат и оваа година, на 78-то издание закажано за 16 март по наше време. Но кога првпат се одржале, во 1929 година, работите изгледале сосема поинаку.
Првата церемонија се одржала на 16 мај 1929 година во хотелот „Холивуд Рузвелт“ во Лос Анѓелес. Добитниците биле познати уште неколку месеци претходно и биле известени со телеграма, па самото доделување било повеќе свечена вечера отколку неизвесна манифестација. Присуствувале околу 270 гости, билетот чинел 5 долари (што денес би изнесувало околу 94 долари), а официјалниот дел траел само 15 минути. Церемонијата ја водел ѕвездата на немиот филм Даглас Фербенкс, тогашен претседател на Академијата. Ова е единствената година кога Оскарите не биле пренесувани во живо – радиопренос почнал дури следната година.
Доделени биле 15 златни статуетки, дизајнирани од уметничкиот директор на Ем-џи-ем, Седрик Гибонс, а изработени од скулпторот Џорџ Стенли. Првично наградата се викала Academy Award of Merit, а името „Оскар“ се појавило околу 1934 година. Една популарна анегдота вели дека библиотекарката на Академијата, Маргарет Херик, забележала дека статуетката личи на нејзиниот вујко Оскар – но вистинското потекло на името останува нејасно.
Наградата за најдобар филм ја освоил немиот филм „Вингс“, во кој глумеле Клара Боу, Ричард Арлен и Чарлс „Бади“ Роџерс. Филмот, познат по импресивните авијациски сцени и антивоената порака, бил и најскапиот филм снимен дотогаш – чинел 2 милиони долари (околу 28 милиони во денешна вредност).
Џенет Гејнор ја добила наградата за најдобра актерка за дури три филмови, „Седмо небо“, „Уличен ангел“ и „Изгрејсонце“, додека Емил Јанингс победил за „Последната команда“ и „Судбината на сите живи суштества“. Режијата била поделена во две категории – за комичен и за драмски филм. Луис Мајлстоун бил награден за „Два арапски витеза“, а Френк Борзејџ за „Седмо небо“.
Тогаш било дозволено актер или автор да биде награден за повеќе филмови истовремено, па дури и без конкретен филм наведен покрај неговото име. Во конкуренција не влегувале звучните филмови („talkies“), туку само немите. Постои и холивудска легенда дека германскиот овчар, кучето Рин Тин Тин добило најмногу гласови за најдобар актер, но бил прескокнат за да се зачува престижот на наградата.
Оскарите произлегле од основањето на Академијата за филмски уметности и науки, иницирана од Луис Б. Мајер, шеф на студиото Метро-Голдвин-Мајер. Покрај него, во основањето учествувале и Конрад Нагел, режисерот Фред Нибло и продуцентот Фред Битсон. Академијата требало да помогне во решавање на работничките спорови во филмската индустрија, да го подобри јавниот имиџ на Холивуд и да постави стандарди во време на брзи технолошки промени.
Според изјава што ја цитира историчарот Скот Ајман во книгата „Лавот на Холивуд“, Мајер верувал дека наградите ќе бидат начин да ги мотивира филмските автори: ако ги „накити со медали“, тие ќе се трудат уште повеќе да создаваат филмови какви што студиото посакува. Така започнала традицијата која денес е глобален медиумски спектакл – а некогаш била скромна вечера што завршила за четврт час.