Од моментот кога бил објавен конкурсот во јануари, учесниците имале точно 50 денови да снимат филм од 50-секунди, во кој некако ќе биде инкорпориран бројот 50. Помеѓу пријавените оваа година имало филмови од Иран и од САД.
Два кратки филма се однесуваат на судбината на ситните пари (меѓу кои и монети од 50 пени) и она што се случува со нив откако ќе бидат оставени како бакшиш на кафанска маса или најдени на тротоар. „Педесет години 1966/2016" е поамбициозен и содржи контрастни историски и актуелни снимки - од Црните пантери до неодамнешниот трибјут на „Пантерите" на Бијонсе на Супер Боул. Интересен е и „Живеејќи на бр. 50", кој содржи снимки од различни адреси во градот Корнвал - од семејство кое се подготвува за појадок до животот на еден куклар или еден опсесивен собирач на предмети.
Она што ни се виде најинтересно во ваквата стилска вежба која подразбира кондензирано време е што кога нарацијата мора да биде згусната, во преден план излегува структурата, која обезбедува препознатливост на почетокот, средината и крајот (иако не нужно по тој ред). Така е во ова анимирано видео „50-тиот ден", кој е награден во категоријата „Младинско видео", а кое прикажува цела една зомби апокалипса во само 4 фази.
Победник пак на овогодишниот фестивал е „Предоцна" на Киеран Себил, мета-видео за снимањето на видео од 50 секунди во импресивен број различни стилови.
Второто место го освоил Мет Харис, со филм под наслов „5 децении", убав монтиран избор на Супер8 домашни видеа на неговата баба.
Она што организаторите го истакнуваат со посебна гордост е дека никој - ама никој - не снимил филм со асоцијација на „50 нијанси сиво".