Џереми Најт и Иван Кеш, уметници кои водат креативно студио во Сан Франциско, смислиле збор кој звучи слично ко „некст", ама има попрецизно значење кога се во прашање хронолошки одредници, особено денови од неделата и викенди. Ако сме денес вторник (ко што сме), тогаш овој викенд ќе се вика токму така, „овој" (this), а следниот не треба да се вика „следниот" или „наредниот" (next), туку на пример „зедниот" (oxt).
Тоа дека и во македонскиот ваков збор би бил корисен покажува дефиницијата на „следен" во речникот на македонскиот јазик, која вели: (придавка) 1. кој е најблизок по време, место или ред по дадениот, кој настапува, иден 2. кој следува понатаму. Значи може да е најблискиот (викенд, четврток, месец), но и не мора. „Зедниот" би ја разрешил оваа недоумица еднаш засекогаш.
Најт и Кеш не само што го измислиле зборов, туку нудат и многу добар начин за негово промовирање, преку сајтот Оxtweekend.com. Сајтот нуди и интерактивен календар за подобро да ја сфатите идејата на „окст", а истовремено ги поттикнува посетителите да го употребуваат зборот за да се дојде до ситуација тој да влезе во речникот на англискиот. Истовремено, по пат на прашање и одговор, се нуди објаснување за сите оние кои се противат или се сомневаат во ваквиот начин на воведување нови зборови. На пример:
- Што му фали на „следниот" викенд?
„Следниот" е збунувачки. Колку пати сте морале да дополните, „не овој, следниот". Дополнителното време потребно за изговарање на објаснувањето, помножено со сите луѓе кои зборуваат англиски на планетава, го дава сето тоа загубено време кое „окст" може да го заштеди.
- Не можете да се заебавате со јазикот.
Всушност, можете. Јазикот постојано еволуира и се менува. Плус ние не се заебаваме со него, туку се обидуваме да го подобриме.
- Мразам нови работи.
Се случува.
- Само сум многу лут.
Жал ни е за тоа.