Современото прегорување не е единствен феномен на 21 век. Историчарот Питер Џонс во својата нова книга „Самопомош од средниот век“ (Self-Help from the Middle Ages) покажува дека уште во 5 век христијанскиот мислител Јован Касијан пишувал за луѓе кои чувствувале постојан замор, безнадежност, ментална зашеметеност и силна желба да избегаат од своите обврски. Со други зборови „брнаут“.
Џонс дошол до оваа тема по сопственото искуство. Додека работел како професор во Сибир, се чувствувал осамен, исцрпен и неспособен да се концентрира. Проучувајќи ги средновековните текстови, сфатил дека луѓето и пред многу векови минувале низ слични кризи.
Средновековните свештеници не ги осудувале луѓето поради овие чувства. Напротив, преку разговор се обидувале да ги разберат нивните проблеми и да им помогнат да ги надминат, што многу потсетува на современата психотерапија. Нивните совети биле едноставни, но длабоки. Наместо човек да се бори против своите чувства, требало да ги прифати како дел од животот. Еден автор, Вилијам Пералдус, советувал луѓето да најдат „силна планина“ – повисока цел, вера или нешто што им дава смисла и сила да истраат во тешките периоди. Тој верувал дека, како поле обраснато со трње што еден ден повторно ќе роди плод, и човекот може да закрепне ако не ја изгуби надежта.
Историчарите забележуваат дека овие идеи се многу блиски до денешните психолошки методи, како што е терапијата на прифаќање и посветеност (Acceptance and Commitment Therapy), која ги охрабрува луѓето да ги прифатат своите емоции и да живеат според сопствените вредности.