„Галиматијас“ со значење збунувачки или бесмислен говор прв пат се споменува во 1580 во есеј на францускиот ренесансен писател Мишел де Монтењ (кој, патем, се смета за „татко“ на есејот како посебен книжевен род). Во англискиот се регистрира повеќе од седумдесет години подоцна, во 1653, во превод на сатиричната серија од пет романи „Гаргантуа и Пантагруел“ на Франсоа Рабле, направен од шкотскиот писател сер Томас Уркхарт.
Околу потеклото на терминот до денес се кршат етимолошките копја. Некако „најлогични“ ни се оние кои ќе ги наречеме „петелски“. Имено, во основа на галиматијас може да е латинското „галус“ за петел, па оттаму терминот би означувал кукурикање (можеби при судир на два петла) или „кокодакање“ во смисла на досадно и бесмислено дрндање.
Со живина, но и со погрешно употребена деклинација, е поврзано уште едно толкување - изразот наводно настанал поради замена на падежи во стар француски запис (на латински). Така, наместо gallus Matiae (петелот на Матеј) некој кому латинскиот изгледа не му лежел запишал galii Mathias - петелски Матеј.
Кај нас „галиматијас“ е содржан во речникот на македонски јазик, а се споменува и во граматиката на Конески, во точка 89 кадешто се зборува за тоа дека извесен број туѓи зборови од машки род се акцентираат како и нашите зборови (двосложните на првиот слог а многу сложните на третиот открај).
Така, францускиот петел и „кокодакање“ се влезени и во македонскиот. Навреда за сиротите птици, кои не знаат колку бесмислици се изговорени со артикулиран, човечки говор.