Еден вид на искривоколчување на меморијата, „ефектот на неодамнешноста“ (Recency bias) е предрасуда која прави да им даваме предност на неодамнешни настани во споредба со оние кои се случиле во поодамнешното минато, иако тие се поврзани со првите и можат да ни дадат увид во динамичноста на промените и евентуалниот исход.
Овој психолошки феномен е (зло)употребуван во повеќе области. На пример во судството, доколку обвинителството и одбраната се обраќаат пред порота, сета енергија и аргументи се вложуваат во завршните зборови, бидејќи се претпоставува дека членовите на поротата ќе ја носат својата одлука врз основа на она што последно ќе го слушнат, а не на сето она што било кажано претходно.
Истиот феномен одмага во прецизната проценка при проценувањето на економски циклуси. Инвеститорите им даваат многу поголемо значење на краткотрајните флуктуации на пазарот, наспроти долгорочните. Oваа предрасуда може да доведе до тоа тие да мислат дека моменталниот пад на некоја акција ќе продолжи и во иднина, иако претходни искуства покажале дека ситуацијата со нив може многу бргу да тргне во спротивна насока.
Феноменот на неодамнешноста има врска и со друг тн. „ефект на сериска позиционираност“, прв пат формулиран од страна на психологот Херман Ебингхаус, во текот на неговите експерименти поврзани со помнењето. Тој открил дека способноста точно да се повторат нештата наведени на список зависи од локацијата која ја заземаат на листата. Интересно е што првите нешта на листата се памтат подобро од оние во средината.
Ефектот на неодамнешноста се зголемува особено кога премногу информации се презентираат премногу брзо, па поновите ги „покриваат“ постарите. Ова е особено загрижувачко доколку се има предвид неверојатната динамичност на циклусот вести, што прави да се сеќаваме на оние последните во врска со одредена тема, но не и на она како одела приказната претходно.
Во текст во Блумберг посветен на оваа тема, Тајлер Коен го доведува феноменот во врска со пандемијата. Неодамнешната меморија на човештвото беше дека пандемиите се минато и дека, согласно предрасудата на неодамнешноста, таков настан со глобален ефект не би можел да се случи. Грешка. Исто како што според него е грешка како на еднаш засекогаш запечатено минато да се гледа на антисемитизмот, употребата на атомските бомби и други нешта кои ги сметаме за реликти на едно наводно попримитивно време.
„Планот за надминување на предрасудата на неодамнешноста е прилично едноставен. Не скролајте толку низ вести туку посветете внимание на читање книги и сајтови кои содржат аналитички текстови. Така се развива чувство за развојот на проблемите кои и денес нè загрижуваат“, советува Тајлер.