Една старогрчка легенда вели дека во 720 година п.н.е. Олимпиец по име Орсипиј од Мегара се натпреварувал во трка на 185 метри, кога неговата „скутина“ едноставно му се слизнала. Наместо да запре, Орсипиј продолжил во спринт и победил во трката. По ова голото тело станало обврзно на игрите, а единствената негова заштита бил дебел слој маслиново масло. Телото требало да биде целосно видливо меѓу другото и поради идеалот на убавото, кое подразбирало набрекнати мускули, затегнати тетиви и широки плеќи, при што на „срамните делови“ никој не обрнувал посебно внимание.
Но до времето на модерните Олимписки игри од 1896, културните стандарди многу се измениле. Организаторите во ниту еден момент не помислувале да ги вратат голите натпревари. Ова значело дека облеката ќе стане дел од приказната, но не само како прекривка, туку како интегрален дел од телото на спортистот - патики кои овозможуваат отскок, костими за капење кои им помагаат на пливачите полесно да се лизгаат низ водата и тесни облеки кои даваат отпор на ветерот.
Овие летни Олимписки игри во Токио беа необични на повеќе начини, од картонските кревети до медалите направени од рециклирани телефони и лаптопи. Но што ако следните преземат уште еден понеобичен чекор, со повторното воспоставување на голоста на оригиналната старогрчка традиција? Иако никој сериозно не размислува за ова, идејата поттикнува интересни прашања за културните норми, сексизмот, и влијанијата врз атлетската изведба.
За почеток, наптреварувањето без облека ќе создаде необични логистички проблеми. Иако повеќето од дресовите се толку тесни што се како кожа, тие сепак вршат значајна улога - ги држат градите на жените и гениталиите на мажите на место. Ова е очигледниот дел од работите, но она што е помалку очигледно е степенот до кој облеката придонесува за спортските резултати. На пример појасите за кревање тегови и спандексот можат да помогнат во стабилизирање на мускулите на натпреварувачите за тие да можат да ја насочат својата енергија кон самото кревање.
Крајно тесната облека може да го намали отпорот со кој телото се среќава кога се движи низ воздух или вода. На пример, освен од бричењето на нозите, велосипедистите имаат корист од носење многу тесна облека со низок отпор на воздух. Сепак, изгледа дека најубедлив пример на предност на облеката доаѓа од пливањето. Овој спорт е истовремено и натпревар помеѓу самите дизајнери и инженери а не само помеѓу телата на натпреварувачите. Ова прашање се постави во Пекинг во 2008, кога беа срушени 25 светски рекорди, а 23 од нив од спортисти кои носеа специјализирани полиуретански костми наречени ЛЗР Рејсер. Тие го намалуваат триењето на кожата за 24% и го компресираат телото на оној кој ги носи, за да не се „ѕенѕаат“ некои делови кои би виселе кога не би постоела облека.
И не е само до перформансите - некои делови од спортската облека ја зголемуваат безбедноста. Соодветните обувки на пример обезбедуваат поддршка за петиците и стапалото и го намалувааат ризикот за исчашувања или скршеници. Ова е особено битно за натпреварувачите во олимписко едрење, кога спортистите се потпираат на своите патики за да не се лизнат и да бидат стабилни кога висат на една страна на едрилицата.
Неносењето облека сигурно би влијаело врз тоа кој ќе се одлучи да се натпреварува. Поконзервативните нации веројатно би им забраниле на своите спортисти воопшто да се натпреваруваат. Би имало и сериозни етички и законски прашања за атлетите на возраст под 18 години, за разлика од момчињата во древните игри кои имале и по 12 години. Сепак, денес ваквата појава веднаш би била сексуализирана и оценета како порнографска. Во древна Грција Олимпијадата била следена од елитна машка публика со иста културна и религиска припадност, но денес игрите се прикажуваат за милиони луѓе низ светот. Оттаму, победниците на тие први голи летни олимписки игри на модерното време би биле не оние коишто се најдобри во спортот, туку оние со најголема способност да се однесуваат како да не живеат во модерното време.