Што ако најдобрите книжевни дела на светот никогаш не стигнале до нас?

Само дел од приказните во светот имаат преживеано. Најнови проценки покажуваат дека дури 90% од средовековните ракописи исчезнале во катастрофи или биле рециклирани. Што е она што можеби го пропуштаме и како тоа би можело да влијае врз нашите судови за тоа што е „квалитетна“ литература?

Велат дека кога избувнал пожар во големата библиотека во Александрија, книгите гореле цели шест месеци. Ова не можеме да го знаеме со сигурност. Како завршила библиотеката, и дали воопшто постоела, тоа е тема на претпоставки повеќе од 2000 години. Два милениума сме прогонувани од идејата дека она што ни останало можеби не е најдобриот претставник на големиот книжевен корпус и знаење кое човекот го создал. 

Овој страв сега е само потврден со нови методи за проценка на обемот на губитоците. Последниот обид е на истражувачите Мајк Кестемонт и Фолгерт Карсдорп. Птолемаидите, кои ја создале Александриската библиотека, имале соодветна фараонска визија: да ги сместат сите до тогаш напишани книги под еден покрив. Спомнатите истражувачи имале поскромна цел - да ја проценат стапката на опстанок на ракописите создадени во различни делови на Европа во текот на средниот век.

Користејќи статистички метод позајмен од екологијата, наречен „незабележани видови“ (unseen species), нивниот модел овозможува, тргнувајќи од она што преживеало да се процени колку не преживеало - одејќи наназад од дистрибуцијата на делата кои ги имаме денес до она што морало да постои во минатото.

Во нивната статија објавена во февруарскиот број на списанието „Сајнс“ се тврди дека 90% од средовековните ракописи кои содржат витешки и херојски наративи - на пример оние поврзани со кралот Артур - исчезнале. Третина од сите приказни се целосно збришани, што значи дека не постои ниту едно дело кое ги содржи.

Студијата исто така се осврнала на тоа колку е репрезентативен списокот приказни и ракописи. Средовековната ирска и исландска проза изгледа дека подобро преживеала отколку англиските еквиваленти. Една од причините е можеби тоа што ракописното препишување текстови се одржало многу подолго во Ирска или Исланд отколку во Англија, што значи дека една иста средовековна приказна е сочувана во повеќе ракописни примероци, и оттаму подобро заштитена.

Причините за губитоците се повеќе на број, од пожари и други катастрофи, до пропаѓањето или рециклирањето на материјалот на кој било пишувано. Големо влијание имале и цензурата, некомпетентноста и корупцијата. Низ историјата најдеструктивни сепак биле пожарите и тоа не само во западниот свет.

Најголемите репозиториуми на книги секогаш се формирале во центри на моќ, што често ги правеле цели на одмазда во тек на политички турбуленции, или колатерална штета при промена на режимот. Така, излегува дека она што пристигнало до нас можеби не е од големите центри туку од маргинални локации, како манастири или приватни збирки. 

Уште еден проблем е самиот обем на текстови. Кога станува збор за индиските и будистичките традиции, на пример, бројот на древни ракописи кои опстанале но допрва треба да се проучуваат се проценува на над 10 милиони. Едноставно нема доволно истражувачи со соодветната експертиза, вклучително и јазични познавања, за да ја завршат работата. 

Конечно, врз основа на што ја мериме „квалитетот“ на делата? Нашите критериуми за просудување на книжевниот талент се моделирани од текстовите со кои располагаме. Кој знае како би го проценувале Шекспир, доколку била сочувана целата англиска книжевност од негово или од времето пред него. 

извор

30 мај 2022 - 18:03