Шарлот, Емили и Ен не се ни Бронт, ни Бронте, туку Бронти?

Денес, 26.09., излезе вест дека е исправена грешка направена уште пред 85 години, со тоа што во Поетското катче на Вестминстерската опатија презимето на сестрите кои на македонски (српски, бугарски) ги знаеме како БронтE биле напишани без две точки врз е-то. На англиски без тие ознаки некој може да го прочита презимето како „Бронт“, а всушност е Бронти.

Вестминстерската опатија во Лондон е локацијата на крунисување на 40 монарси и последно почивалиште на голем број славни личности, меѓу кои Исак Њутн, Чарлс Дарвин и други. Истовремено, тука се наоѓа и таканаречното Поетско катче, каде се погребани или е поставена меморијална плакета за голем број истакнати британски поети, како Чосер или Шекспир. 

Пред 85 години, поточно на 8 октомври 1939, тука била истакната спомен-плоча на трите сестри Шарлот, Емили и Ен, на чии презимиња недостасувале двете точки (диаерезис). Така сега наместо Bronte, по нивните имиња пишува Brontë.

Иницијатор е Шерон Рајт, уредник на списанието што го издава Друштвото на сестрите Бронте (инаку едно од најстарите книжевни здруженија на светот, формирано во 1893-та), која го посетила катчето како дел од истражување за нејзината нова книга. Ова има врска не само со изговорот на англиски, според кој ако е-то не е нагласено може да испадне „Бронт“, туку и со историскиот податок според кој Патрик Бронте, таткото на сестрите, во еден момент од семејната историја намерно ги додал овие знаци. Тој бил упатен во старогрчкиот јазик и можеби на овој начин сакал презимето да звучи како „вронти“, односно гром, молња. 

Кај нас, на српски и на бугарски при транскрипцијата изгледа најважно било што постои Е (со или без точки), па ние авторките на дела како „Оркански висови“, „Џејн Ер“ или „Станарката на замокот Вајлдфел“ ги знаеме како БронтЕ.

извор

26 септември 2024 - 17:32