На само 20 години, младиот и талентиран Гиљермо Либри бил назначен за професор по математичка физика во Пиза, Италија. Но неговиот немирен дух набрзо го однел во Париз, каде се спријателил со најпознатите математичари на тоа време, меѓу кои Фурие и Лаплас. Во 1833, после кратка и неуспешна политичка кариера во татковината, станал жител на Франција. Почнал да предава на Сорбона, бил избран за член на француската академија на науки и го добил највисокото одликување - Легија на честа.
Во 1841 бил назначен за главен инспектор на француските библиотеки. Оваа позиција вклучувала каталогизирање на вредни книги и скапоцени ракописи. Очигледно со несовладлива желба за поседување на истите, тој ја злоупотребил својата позиција, за со текот на годините да си создаде своја колекција од нив. Иако неговите соработници се сомневале дека нешто мати, не се осудувале да го обвинат. А начинот на кои ги крадел книгите бил прилично проѕирен - се жалел на лошо здравје, лажно кашлал и постојано бил наметнат со дебела наметка под која веројатно ги изнесувал ракописите.
Кога во еден момент некој му дојавил дека сепак ќе го гонат, тој заминал за Лондон, носејќи со себе 18 големи сандаци книги, со дури 30.000 парчиња. Во Лондон нашол поткрепа кај Антони Паници, директорот на библиотеката на Британскиот музеј, кого го убедил дека Французите го гонат поради неговото италијанско потекло.
Сепак на 22 јуни 1850 бил обвинет за кражба од францускиот суд и осуден, во отсуство, на 10 години затвор. За него се заложиле повеќе француски интелектуалци кои никако не можеле да поверуваат дека еден ваков генијален ум би се свел на крадец на книги. Меѓу нив и писателот Проспер Мериме (авторот на романот „Кармен“ кој потоа станал основа за истоимената опера), кој на крај бил самиот суден како можен соучесник и лажен сведок.
Во меѓувреме Либри во Англија живеел добро, продавајќи дел од книгите, кои наводно му донеле милион франци (во време кога просечната дневница на работник во Франција било 4 франци).
По неговата смрт, 2000 ракописи кои Либри ги имал украдено во Италија и продадено во Лондон биле повторно откупени од италијанската влада. Во јуни 2010, еден од украдените предмети, писмо од Декарт до отец Марин Мерсен (кој го надгледувал објавувањето на Декартовите „Медитации“), било откриено во библиотеката на британскиот колеџ Хејверфорд, а подоцна вратено на Франција.