Самоука калуѓерка и поетеса, чија интелигенција станала легендарна, Хуана Инес де ла Круз (1651-1695) вон родното Мексико, каде нејзиниот лик е на банкнотата од 200 пезоси, не е многу позната. Иако во нејзино време Мексико било шпанска колонија, таа денес се смета не само за зачетник на мексиканската литература на шпански јазик, но и како некој кој придонел кон шпанското „златно доба".
Научила да чита на 3 години, и ги голтала книгите од библиотеката на нејзиниот дедо. На 13 веќе подучувала латински, а совладала и еден домороден, ацтечки јазик на кој составувала кратки песни. На 16, маскирана во машко се обидела да се запише на универзитет во Мексико сити, но не успеала во намерата, по што морала да зема приватни часови. Нејзиниот карактер, како и големата убавина, придонела да влезе на дворот на маркизот де Манцера како негова идна потенцијална жена. Тој бил толку восхитен од нејзиното знаење, што во еден момент повикал неколку теолози, филозофи и поети на средба, на која таа морала без подготовка да одговара на нивните прашања од различни научни и книжевни области. По средбата нејзиното држење било опишано како „кралска лаѓа која се брани од неколку бедни кајчиња".
Ова ја зголемило нејзината слава, како и бројот на понуди за брак, кои таа постојано ги одбивала. За да може непречено да се занимава со интелектуална работа, решила да се замонаши. Сепак, црквата не била многу среќна со тоа што имала некого како Хуана во нејзините редови, затоа што таа, под заштита на тогашните владетели на Нова Шпанија, често ја критикувала реториката и автократските манири на црковните старешини. Соочена со можна цензура, таа прво почнала да пишува под псевдоними, но потоа и целосно се откажала, продавајќи ги сите нејзини книги - библиотека од над 4,000 примероци, како и сите музички и научни инструменти. Остатокот и онака било конфискувано. До денес се сочувани само дел од нејзините текстови, а првиот превод на англиски на книга под наслов „Десет сонети од сестра Хуана - мексиканската десетта муза" е објавен во 1943.
Деновиве излезе нов избор и превод на англиски на сонетите на сестра Хуана, меѓу кои има стихови посветени на борбата помеѓу умот и телото, смртноста, јазот помеѓу незнаењето и просветлувањето. Збирката го вклучува и писмото на Хуана до извесна сестра Филотеа, во која го брани правото на жените за образование, после што почнале најголемите проблеми со католичката црква, што довело Хуана да земе завет за молчење.
Меѓу бројните работи кои Црквата не ги сакала кај Хуана била и нејзината љубовна поезија. Во тоа време размената на вакви песни помеѓу пријателки била вообичаена практика, сè додека останувале на линија на пријателството. Но овие на сестра Хуана се интензивно физички, опсесивни, опишувајќи ги грлото, колковите и „убаво сроченото тело" на нејзината сакана. Невозвратената страст која извира од овие песни многумина ја споредуваат со онаа кај Емили Дикинсон. Како што вели нобеловецот Октавио Пас, кој во 1982 напиша биографија за сестра Хуана: „Нејзиното дело ни кажува нешто, но за тоа нешто да биде разбрано треба да се разгатне тишината, онаа на нештата кои не можат да бидат искажани".
Сестра Хуана умрела грижејќи се за други калуѓерки во тек на епидемија на чума во 1695. „Зошто таа не е прогласена за светица?" - прашуваат некои од нејзините денешни почитувачи. Можеби токму заради еросот на нејзините песни, за кој таа сметала дека не само што не е спротивен, туку е интегрален дел од односот кон божественото.
Тука двојазичен (шпанско-англиски) избор од нејзината поезија. Една од нив, со наслов „Она што содржи љубовна фантазија, задоволно со платонска блискост", вели: „Магнетот на твоите доблести/ми го влече срцето како послушен челик./Не ми е гајле ако ги исмеваш моите раце и гради/затоа што во затворот на мојот ум си заклучен(а)".