Снимките се направени во периодот од 1960, кога Тито бил на 15. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк и го сликал градот од хотелската соба, па до 1979. Иако уште за време на војната се знае дека тој располагал со апарат марка Ролефлекс, сепак во збирката нема ниту една фотографија од тој период.
Според кураторот на изложбата, Желимир Кошчевиќ, Титовите фотографии се од типот „снепшот", направени се без некоја однапред замислена уметничка цел. Но токму затоа што се такви, спонтани и вон сите правила за планови и композиција, се баш шармантни. Од друга страна тие имаат документаристичка вредност - прикажуваат места и настани, од ракурс на еден висок државник кој низ медиумот на фотографијата се претвора во турист, набљудувач и обичен фотограф-аматер, кој сепак има чувство за кадар.
Од изложбата која содржи седумдесетина фотографии (иако архивата е огромна) може да се заклучи дека тој не сакал многу да слика луѓе, ама имал неколку фото-фетиши: собарки, неговите пудлици, Јованка и Крлежа. А да беше жив сега сигурно ќе се утепуваше од правење селфи.