„Сексуалните проблеми во сите нивни научни, етнолошки, патолошки и општествени облици“, вели реклама за претплата на книга, објавена во весникот Време точно на овој ден, 1 март, пред 80 години. Опишана како „Најважното и најславното дело на еден од најголемите умови на нашето време“, тоа е трето издание кое до тогаш било преведено на 15 европски јазици и можеби купувано од нашите предци кои сакале да бидат „ин“ на темата. Насловот - „Сексуалното прашање“, а името на нејзиниот наводно славен автор - Огист-Анри Форел. Кои се причините зошто денес неговото име не звучи ни од далеку толку славно и големо како што е претставено во таа 1939?
Швајцарски мирмеколог (проучувач на мравки), психијатар и невролог-анатом, Форел (1848-1931) бил многу попознат по своите истражувања на структурата на човечкиот мозок и оној на мравките (бил практично првиот кој го опишал невронот), отколку по своите сексуални теории. Првото големо дело му било 450 страници долга студија на мравките во Швајцарија, на која му честитал дури и Дарвин. Подоцна бил професор по психијатрија на Универзитетот во Цирих и ја раководел психијатриската болница Бургхолзли, која на почетокот била запоставена и со корумпирани вработени, за под негово раководство да стане една од најдобрите вакви болници во Европа. Ја промовирал употребата на хипнозата во третирање на пациентите, наместо агресивните методи кои доведувале до влошување на нивната состојба.
Спомнатата книга е објавена во 1906 и е интересна комбинација на дисциплини. Од една страна се занимава со природната историја и психологија на сексуалниот живот, но и со потеклото на бракот, грабнувањето жени, свадбените обичаи и религијата. Истовремено, се разгледуваат различните сексуални „патологии“, кои во рекламата се означени на следнив начин: „нечувствителност, пречувствителност, онанизам, перверзии, садизам, фетишизам, егзибиционизам, хомосексуалност, педероза, содомија итн.“. Дури постои и поглавје посветено на „сексуалното прашање во политиката“. Сето ова на 800 страници, за 120 тогашни југословенски динари.
Зошто неговото име било потиснато на маргините на културната историја, па денес едвај да има некој кој има слушнато за него? Причината најверојатно се неговите ставови кон еугениката, која во еден период од својот живот ја поддржувал. Имено, сметал дека со оглед на наследните карактеристики на голем број психички нарушувања и нивната наводна врска со криминалот, еден од најхуманите начини да се „истребат“ ваквите болни е со безболна смрт. Со оглед на тоа што бил Швајцарец, не ги делел ставовите на нацистите за „чисти народи“ и раси, но исклучок од ова биле црнците кои без сомневање биле инфериорна раса. Се залагал и за насилна стерилизација и кастрација, меѓу другото и како начин да се излезе на крај со пренаселеноста на планетата.
Оттаму, не е ни чудно што неговата книга за сексуалноста носи поднаслов: „Научна, психолошка, хигиенска и социолошка студија за КУЛТУРНО ОСВЕСТЕНИТЕ КЛАСИ“. Накратко, одржувајќи го своето сексуално здравје и свесно ставајќи го својот полов нагон во полза на репродукција, само „културните“ (оние писмените, кои имале пристап до ваква литература) требало да остават квалитетно потомство.
Подоцна Форел се откажал од овие теории, се залагал со светски мир и станал припадник на религијата Бахаја. Починал 1931, во деценијата кога расистичките и нацистичките идеи почнале допрва да се распламтуваат. Неговиот лик од 1978 до 2000 година се нашол на банкнотата од 1000 швајцарски франци.