1. Анет (Леос Каракс)
Вечерва, 15.7 во 21 часот, со овој мјузикл почнува фестивалот Синедејс во Градскиот парк, а со него се отвори и Канскиот. Главните улоги се на Адам Драјвер и Марион Котијар. Тој е стенд-ап комичар а таа оперска пејачка. се заљубуваат но потоа запаѓаат во различни предизвици и трагични ситуации, што прави филмот до некаде да потсетува на „Ѕвездата е родена“. Актерскиот товар најмногу паѓа на Драјвер, кој е во својата најмрачна улога до сега (а не дека немал такви). Истовремено, ова е еден од филмовите на фестивалот кој се фокусира на внатрешните животи на уметниците.
2. Stillwater (Том МекКарти)
Филм на добитникот на Оскар за „Спотлајт“, со Мет Дејмон, Абигејлс Бреслин и Kaмил Котин. Тој е работник на нафтена платформа од Оклахома, а таа негова ќерка, која е во затвор во Марсеј поради убиство на својата девојка.
Приказната е делумно инспирирана од озлогласениот случај со Аманда Нокс, но сепак не претставува директна драматизација. Според критиката, филмот е всушност неколку филмови во еден: детективски трилер, комедија на судир на култури, па дури и романса. По премиерата во Кан, тој ќе почне да се прикажува по кината од 30 јули.
3. „Велвет андерграунд“ (Тод Хајнс)
Документарец за легендарниот рок бенд и неговите корени во авангардната њујоршка сцена од 1960-тите. Направен со љубов, тој фрла светлина врз бендот кој помогна игривата палавост на рокенролот да се трансформира во подлабок и помрачен копнеж, и да зборува за отуѓеноста и забранетите желби. Брајан Ино еднаш изјавил дека првиот албум на Велвет се продал во само 30,000 копии, но затоа пак секој што го купил самиот основал свој бенд. Овој документарец сјајно ја илустрира оваа изрека.
4. „Каде е Ана Франк?“ (Ари Фолман)
Убаво анимирана драма, во која режисерот наоѓа креативни иако понекогаш и премногу дидактички начини на раскажување на познатата приказна за Ана Франк, поврзувајќи го нејзиното искуство со положбата на бегалците во Европа денес.
5. „Вози ја мојата кола“ (Рјусуке Хамагучи)
Филмот е базиран на проширен расказ на Харуки Мураками, во кој театарски режисер се опоравува од губитокот на својата сопруга со тоа што со часови вози наоколу со својот автомобил. Иако трае речиси три часа, оние што го гледале велат дека вреди секоја минута.
6. „Островот Бергман“ (Миа Хансел-Лове)
Тим Рот и Вики Крипс играат режисерски пар кои посетуваат мал остров во Шведска, каде некогаш живеел Ингмар Бергман. Она што почнува како игрива асоцијација на кинематографското наследство на овој режисер наскоро се претвора во трогателна приказна за жена која си го наоѓа патот како уметник.
7. „Француската пратка“ (Вес Андерсон)
После долго натегање околу тоа дали филмот навистина ќе ја има својата премиера на Кан, тој конечно се прикажа во понеделникот вечер, со една од најдолгите овации во историјата на фестивалот од девет минути (убедливо најдолга е 22 минутната во 2006, по „Пановиот лавиринт“). Присутни беа самиот Андерсон, како и Бил Мареј, Овен Вилсон, Тилда Свинтон, Едријен Броди, Стивен Парк и Бенисио дел Торо.
Фимот е опишан како „љубовно писмо испратено до новинарството“, иако иронично, Андерсон одби да присуствува на прес конференцијата или да даде интервју. Станува збор за фиктивен американски весник во исто така измислен француски град од 20 век, но инспирацијата е љубовта на Андерсон кон списанието Њујоркер, па некои од ликовите и настаните во филмот се базирани на реални еквиваленти од него.