Австриско-американскиот архитект Виктор Дејвид Груен (роден во 1903-та како Грунбаум), е најпознат како пионер во дизајнирањето трговски центри во САД. Првиот затворен трговски центар со централна климатизација, бил отворен во Едина, Минесота во 1956. Промовирал концепт според кој во големите урбани целини требало да им се даде приоритет на пешаците пред колите, а го осмислил и првиот пешачки „мол“ во САД, Каламазу во Мичиген.
Но од 1956 кога бил изграден спомнатиот трговски центар, идејата за ваквиот тип на објекти, според самиот Груен, почнала да се извитоперува. „Одбивам да плаќам алиментација за ваквите копилиња од градби“, изјавил тој во 1978, гневен на она во што се претворила идејата за „шопинг мол“, да му биде слуга на потрошувачкото општество.
Имено, тој укажал на фактот дека почетен принцип при осмислувањето на просторот станало она што подоцна ќе биде наречено „Ефект на Груен“ - намерното дезориентирање на купувачите со помош на сјајни и големи нешта, намерно натрупување на предмети и „нелогично“ насочување на движењето, кое подразбира подолг престој внатре просторот (на пример поставување подвижни скали за качување и симнување на спротивни страни од ходниците). Ако некогаш сте се почувствувале изгубено поради реновирање на омилениот маркет, и тоа е намерно, бидејќи ефектот на Груен генерално се базира на „збуни го купувачот за да се задржи повеќе“.
Психолозите сугерираат градење отпорност кон атрактивноста на ваквите сетинзи, со планирање пред да се влезе во нив а не лефтерно шетање. Но можеби уште подобар совет би бил генерално да се избегнува влегувањето во нив.