Првиот и според многумина најдобриот роман на Сартр, „Гадење" (La Nausée) објавен 1938 е приказна за Антоан Рокентин, француски писател и историчар кој е ужаснат од сопственото постоење. Во импресионистичка, дневничка форма тој детално го каталогизира секое чувство и секоја сетилна дразба, а неговите мисли наскоро кулминираат во гадење и крајна снеможеност. Времето за него почнува да тече како „збир моменти кои се шират на рабовите, како дамка од масло".
Како што тече книгата, така се добива впечаток дека ликот е блиску до самоубиство. Сè до моментот кога нешто му ја лечи душевната рана и му го спасува животот - стара снимка на песната „Некои од овие денови" (Some of These Days).
За жал авторот не прецизира за која од бројните изведби на песнава се работи. „Посакувам Сартр да бил поодреден во врска со имињата на музичарите", пишува критичарот Тед Џоја во новообјавен есеј на оваа тема. „Би сакал да слушнам таква џез снимка, која го надитрува Фројд, ја лечи јанѕата и ја отстранува егзистенцијалистичката вознемиреност", вели тој.
Првата снимка на оваа песна е од 1911, од украинско-еврејската пејачка Софи Такер, а како нејзин автор се наведува црн Канаѓанец по име Шелтон Брукс. Но ликот на Сартр вели дека пејачката е Афро-американка, а дека нејзиниот автор е „Евреин со црни веѓи". Или се работи за лапсус, или Сартр всушност мисли на некоја друга од стотиците снимки на оваа песна.
А можеби изведувачот и авторот се сепак фикции, кои несакајќи придонесуваат за неочекуваниот среќен крај на романот, кога главниот лик си го собира на купче неговото дезинтегрирано јаство поврзувајќи го со тие неименувани ликови чие музицирање го искусува само преку фонографот, а кои и самите на тој начин се „спасени" (запомнети, неизбришани од колективната меморија).
Сартр верувал во исцелувачката моќ на уметноста. Во едно уметничкот дело тукашноста и сегашноста се поврзани во нужно воспоставени врски. Наспроти уметноста, во реалниот живот постоењето на човекот е преполно со случајности и непредвидливи ситуации, што често може да биде основа за страв и егзистенцијална криза. Парадоксално, но токму „нереалноста" на џез снимката е она што му дава сила на ликот да се соочи и да ја издржи реалноста.
Иако тука генерално зборува за уметноста, Сартр особено ја имал предвид музиката, и тоа попрецизно џезoт, кој „му зборува на најдобриот дел од тебе, на оној најсилниот, најслободниот, делот кој не очекува ниту мелодија ни рефрен, туку заглушувачки климакс на моментот". Чувството на слобода кое Сартр го наоѓа во џезот можеби не е секогаш такво, заглушувачко и сексуализирано, но знаело да ни го спаси денот (а некому, кој знае, можеби и животот)
Извор: Open Culture