„Хотелите на Северна Америка" звучи како наслов на лексикон кој би очекувале да го најдете во чекална на некоја автобуска, или вo туристичка агенција. Но во случајов тоа е роман составен од (фиктивни) рецензии за хотели и посетени дестинации на главниот лик, Реџиналд Едвард Морс, редовен коментатор на исто така измислениот сајт RateYourLodging.com (од типот на Трип Адвајзор). Низ неговите рецензии дознаваме не само за местата низ кои тој пропатувал, туку многу повеќе за неговата кариера на мотивациски говорник, за распадот на неговиот брак, за разделбата од неговата сакана ќерка, и за неговата девојка за која знаеме само дека се вика К.
Критичарите го поздравија експериментирањето на Муди со наративните можност на онлајн рецензиите, таа форма на демократска критика која е суштинска за успехот на сè, од тостери до книги како оваа. Хотелските критики во книгата покриваат период од отприлика 40 години, од првиот престој на Морс како дете во хотелот Плаза во 1971, до оној во 2014, во мотел полн болви во Бронкс. Така, таа станува и алтернативна историја на Америка, раскажана низ искуствата на некој којшто патувал низ неа, менувајќи се исто како што се менувал и културниот контекст, чие огледало е токму таа „индустрија на гостопримство", сите тие хотели, мотели, хостели, гостилници и кафани.
„Што е она што навистина го сакаме од хотелите? Сакаме нешто најблиску до дома. Сакаме да нè потсетат дека постои дом, она место каде можеме да се вратиме по долго патување и, барем теоретски, да не пречекаат луѓе среќни што не гледаат, место каде перницата чека на отпечатокот на нашата глава", вели авторот во интервју за НПР. Во оваа смисла книгата се однесува на тоа како патувањата можат да ни помогнат да си го најдеме патот до дома - рецензирајќи ги местата кадешто сме биле на тој пат, а всушност преиспитувајќи се себеси.