Некој не може четврток, друг е на свадба во сабота. Значи петок.
Поглед кон целиот двор онака како што би го виделе гости - масата да се постави така за да се чувствуваат најкомотно, а и за да има доволно светло кога ќе се смрачи. Проценка дали токму на тоа место има опасност да падне сува гранка од црешата, и дали ќе фаќа ви-фито. Список за купување. Пиво и вино. Колку кисели води? Благо, ама какво? Замрзнато лиснато, да се стави во рерна точно кога ќе дојдат, со аларм за да не се заборави во гужвата. Во 8 играат Србија-Швајцарија, мисла дали некој од нив е по фудбал.
Од ден на ден „умерено до значително“, „молњи и грмотевици“, „не се знае какво“. Солна киселина од вечер во шољата, потрага по пајажини по ќошиња. Црно на крпата од комарниците на тераса. Во фрижидерот веќе нема место, зајрето за салата ќе мора надвор. Да не има такви што постат во петок? Ќебенце и комплет бадминтон во случај да дојдат и деца. Ќе мора ли да се зборува за името?
5 и 10. Некој промашил автобуска. Други пристигнуваат истовремено, и на прагот сами си се запознаваат. Носат цело фрижидерче со четири шопски и една овошна. Подароци и бонбоњера. Наслушнати кршеници од муабети додека се оди до кујна и назад.
„Тоа видеото кајшто вика пирамидите дека биле уствари генератори за струја“
„Како се преведуваше лајмстон“
„И им пишав на џез.фм не е Манк, Монк е...“
„И ако сум пример од Емирица и немам мобилен, како да закажам?“
„На руски вести нема црна хроника“,
„Извини што те прекинувам..“
„Многу ви е убаво тука, ко во Копенхаген се осеќам“
„Каде ви беше ВЦ-то?“
Се стемнува и заладува, некој става дури и капа. Ќутиш за да не ја нарушиш динамиката на муабетот. Можеби oва е последната седенка на луѓе на земјата пред распадот на цивилизацијата, со сето шаренило најчовечки табиети, желби и стравови, и баш тебе ти се паднало да ја организираш. На небото одраз од рефлектори (има концерт во парк?) и забелешка дека така, со светлина, ги загадуваме небесата. Никому не му се гледа фудбал. Дур се свртиш, со прсти го изеле и кадаифот. Чувствуваш, се спремаат да си одат. Гушки и ветувања за наредна средба, па секој на своја страна. Кој знае дали им беше убаво.
Раскреваш во темница и во тишина. Заборавени филтерчиња за цигари, и присуство на луѓе што лебди уште некое време откако ќе заминат. Останат зеленчук и пива за уште два живота.
Ќути, не заврна.
Илина, Букбокс