Гоијанија, Бразил, 1985 година. Како и насекаде, сиромаштијата си го прави своето, па двајца собирачи на отпадно железо мислат дека го пронашле „светиот грал“ кога влегуваат во објект на напуштена радиолошка клиника во градот и таму пронаоѓаат нешто што личи на дел од некаква машина. Го демонтираат уредот и од него вадат метален контејнер и живи среќни го носат дома.
Наскоро почнуваат да чувствуваат мачнина и повраќање, но мислат дека се работи за труење со храна. Неколку дена подоцна, едниот од нив успева да ја отвори капсулата и ја продаде на сопственик на отпад. Она што притоа никој не го знае е дека кога приватната клиника Гојано де Радиотерапија се преселила, зад себе оставила уред за радиотерапија со цезиум-137, без да ги извести надлежните институции. Напуштената зграда подоцна била делумно урната, а уредот останал незаштитен речиси две години.
Кога сопственикот на отпадот забележува дека од капсулата излегува синкава светлина и тој ја носи дома, веројатно третирајќи ja како некаков „свет“ предмет. На неговото проширено семејство (жена, син, ќерка но и брат, снаа, внук) особено им е интересен правот што истекува од капсулата, точно она најстрашното, кое изгледа како детски светки што сјаат во темница. Шестгодишната внука Селеста (вистинските имиња и некои дополнителни лични детали во серијата се променети), дури и се мачка по лицето и рацете со него.
Единствена сомничава во „демонските“ својства на контејнерот е жената на сопственикот на отпадот, во серијата наречена Антонија. Нејзините стравувања се потврдуваат со симптоми како повраќање, вртоглавица, изгореници на кожата и опаѓање на косата, кои лекарите првично ги поврзуваат со други болести. Но кога таа со помош на пријател и со градски автобус (!) ќе ја донесе капсулата во Заводот за јавно здравје, таму е утврдено дека се работи за радијација. Подоцна ваквиот нејзин чин е прогласен за херојски, бидејќи без ваквата пријава последиците ќе биле многу поголеми.
Следи масовна реакција во која главна улога имаат двајца физичари кои се во постојан судир со политичарите и нивниот интерес за „смирување на јавноста“ и задржување на сосптвената репутација. Сепак, тие успеваат, дури и во ситуација на штрајк на медицинскиот персонал поради економски причини кој во моментот е во тек, да организираат мала но способна екипа, која прегледала над 100.000 луѓе, а кај околу 250 била утврдена контаминација. Десетици биле лекувани, а четири лица починале, меѓу нив и спомнатото девојче. Големи делови од градот биле деконтаминирани, некои куќи биле срушени, а градот со години носел стигма поради несреќата.
Сите детали се опишани во извештај објавен од Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) во 1988 на 150 страници. Во него се содржани и вистинските имиња на заслужните научници, младиот Валтер Мендес Фереира и претседателот на бразилската Национална агенција за нуклеарна енергија, Рекс Назаре Алвес. Првиот бил вовлечен во катастрофата случајно, затоа што се нашол во родниот град за да го види семејството. Не помалку заслужни се и лекарите, кои освен тогаш стандардната терапија со „Пруско сино“ - терапија која го „врзува“ цезиумот и помага во негово исфрлање од телото, храбро одлучуваат да применат и експериментални третмани, кои до тогаш биле применувани само за лечење леукемија (во серијата е спомнат славниот Хозе Карерас кому токму таа терапија му помогнала).
Како последица, Бразил ги заострил законите за радиолошка безбедност. Петмина од поранешната клиника биле судени за убиство, а Националната агенција морала да им исплати голема отштета на жртвите. Настанот останал силен потсетник за опасностите од неправилно складирање на радиоактивни материјали и за важноста од брза и координирана реакција во вакви ситуации. На местото на некогашната радиотераписка клиника денес е лоцирана Фондација за грижа за жртвите која го носи името на најмладата жртва.
Илина, Букбокс