Психологијата зад „Бејби рејндир“ - една од најдобрите серии на 2024

Долго време се опиравме да ја почнеме серијата за која најмногу се зборуваше изминатата година. Но она што на прв поглед изгледаше како црна комедија за сталкерка излезе нешто многу, многу повеќе.

Типични сцени од хорор филм веројатно би биле оние со шумски измаглици од кои секој момент се очекува да скокне чудовиште со три глави, со распадната куќа опседната од духови или зомбиња кои ги освојуваат градските улици. Во британската мини-серија „Бебе ирвасче“, оваа година номинирана за 11 Еми награди од кои освои шест, го нема ни едното, ни другото, ни третото. А сепак е хорор.

Дони Дан, комичар кој никако да дојде до своите пет минути слава, работи како шанкер во лондонски паб. Неговиот живот се менува кога на шанкот ќе седне Марта, која тврди дека е адвокатка, но истовремено нема пари да си плати пијачка и делува генерално очајно. Дони ѝ нуди гратис шоља чај, гест на добра волја кој ќе го чини скапо - Марта почнува да го демне, да му испраќа стотина мејлови дневно и да развива фантазија дека тие се всушност заедно. Содржината на пораките се менува - од романтична, агресивна, преку порнографска до апсурдна. Сите завршуваат со „испратено од мојот Ајфон“, иако Марта всушност нема ајфон.

Но она што на почетокот изгледа дека ќе биде приказна за тоа како Дони ќе успее да ја откачи лудата Мар(т)а, полека се претвора во увид во спрегата на две лудила, она на сталкерката и она на нејзината „жртва“. Имено, дури и откако Дони сфаќа дека си има работа со во најмала рака психички нестабилна личност, која претходно лежела и затвор поради демнење, тој пропушта шанса да стави крај и во ретките мигови кога тоа изгледа можно. Моментите на ужаснатост од ситуацијата во којашто се нашол се заменуваат со оние на негова потреба Марта и нејзиното бизарно внимание сепак да постојат - без нив тој се чувствува како никој и ништо. 

Најтешка во оваа смисла е четвртата (од седумте) епизоди, во која сфаќаме што го мотивира Дони да се однесува спротивно на вообичаените аршини на разумност. Се враќаме пет години претходно, кога тој се запознава со сценарист по име Дариен, кој му помага да ја подобри неговата комична рутина и да стекне каква-таква слава. Но цената што ја плаќа за тоа е огромна и има врска со дрога и сексуално насилство, кое долгорочно ќе го направи неспособен да биде вистински интимен со некого. Марта изгледа како да ја пополнува таа огромна „црна дупка“ во неговиот емотивен живот, а некои од нејзините изјави, иако се можеби генерички, делуваат како таа навистина да може да му ѕирне во душата. „Кој ми те повреди?“, го прашува таа, човекот кого многумина го повредиле.

Приказната добива на тежина кога се знае дека е вистинска. Авторот и толкувач на главната улога, Ричард Гадд, ја креирал серијата врз основа на едночасовна монодрама од 2019, во која Марта е прикажана само со празно столче на шанк. Со оглед на неговата репутација на комичар, кој знае како им било на оние кои дошле на изведбата мислејќи дека станува збор за стенд-ап. По неколку епизоди веќе не е ни прашање дали полицијата конечно ќе стори нешто или дали Дони ќе успее самиот да осмисли излезна стратегија. Ова се само споредни техникалии во една поширока слика на лавиринтот на човечката душа, мрачна како шума од чија измаглица секој момент може да скокне не слатко ирвасче, туку разулавено чудовиште со три глави.

Илина, Букбокс

25 декември 2024 - 09:49