Прво издание на Фестивалот на урбана култура - МУРАЛ

Во сабота на 21-ви септември, во дворот на Кинотеката на РС Македонија започнува првото издание на Фестивалот на урбана култура - МУРАЛ. Намерата на овој настан е само наговестување за еден поголем проект кој ќе создаде платформа за унапредување на уметничката сцена во Скопје и државата, а преку која ќе се промовираат и среќаваат младите креативци кои со своите дела ќе имаат можност да се изразат во јавен простор.

Во сабота почнувајќи од 10 часот младите уметници Матеа Грнчароска, Воскресија Андреевска, Раде Радевски, Марија Здравковска, Андреа Лекоска, Ива Ѓорѓиевска, Дејан Јоноски, Сара Симоновска, Благојче Наумоски Бане, Бодан Костов Боц, Марија Степаноска, Мила Јовановиќ, Маја Андонова Јокиќ, Ангела Петрушевска, Ирина Христоска, Јован Терзиоски, Крсте Господиновски, Јана Митровска, Белкис Аксу Челеби, Александар Цветковски и Марија Степаноска ќе ги оживеат филмските класици преку своите мурали кои ќе бидат цртани на страничните ѕидови од влезните скали на објектот на Кинотека во Карпош 3, а со тоа ќе го оживеат и дворот на Кинотеката. Настанот ќе трае до полноќ, а покрај цртањето во живо, ќе биде збогатен и со изложби и многу музика изведувана од неколку рок-бендови и диџеи.

Во дворот на Кинотеката свои дела ќе изложуваат дипломираните фотографи и уметници од ЕСРА, Соња Ставрова, Ема Вељановска, Ирина Крстевска, Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов.

Музичката програма е во соработка со Арт Хаус Карев и Три Дена Култура, а ќе настапуваат бендовите Гола планина, Cut Your Nipple и Хајка. Преку ден млади домашни диџеи ќе не забавуваат со своите диџеј сетови.

Настанот е од отворен карактер, посетителите ќе можат да присуствуваат за време на цртањето на муралите кое ќе трае од 10 часот до 19 часот, а веќе од 20 часот ќе можеме сите да се приклучиме на музичката програма и презентацијата на муралите.

Настанот е во организација на ПИК Продукција во соработка со Арт Крафт Дизајн, Кино Балкан и Машина Продакшн, а е поддржан од Град Скопје, Општина Карпош, Кинотека на РС Македонија, ПопАп и Златен Даб.

20 септември 2019 - 12:36