Германското здружение „Лајбниц“ неделава објави дека биеналната награда во износ од 50,000 евра која се доделува на проект со особена општествена релевантност оваа година ќе ја добие токму критичкото издание на „Мојата борба“. Негов уредник е историчарот Кристијан Хартман, и тој и неговиот тим според образложението „затвораат јаз во истражувањата во врска со национал-социјализмот во Германија“.
Објавена во 1925 „Мајн кампф“ ја отсликува расистичката идеологија на Хитлер и неговите планови за голема Германија. По Втората светска војна и смртта на Хитлер, авторските права за книгата ги доби Баварија, која во текот на 70-те години на располагање со нив го забрани нејзиното издавање.
Кога авторските права истекоа, Хартман ја објави анотираната верзија со образложение дека сака со тоа да направи баланс со радикално десните реобјавувања на оваа, според нејзините идеи, опасна книга, особено доколку во неа нема соодветен вовед и образложение на контекстот во кој е настаната.
А авторот на книгата деновиве често се спомнуваше во контекст на предизборната кампања за претседател на САД. Противниците на Трамп ги споредуваа неговите напади на Афро-американците, муслиманите, жените и лицата со посебни потреби со изјавите на Хитлер, а особено беа лути на реакциите на спротивниот табор дека Трамп всушност „и него мисли тоа баш така“.
Дека третирањето на ваквиот говор на омраза како нешто банално и несериозно може да има огромни последици покажува и првиот профил на Хитлер објавен во Њујорк Тајмс во 1922. Статијата под наслов „Нов популарен идол се појави во Баварија“ започнува со неколку вознемирувачки констатации за неговата „исклучителна моќ да управува со масите според сопствената волја“, дека тој е „анти-комунист и анти-семит“, за потоа да ги релативизира истите со изјави од типот „од добро информирани извори ни е кажано дека неговиот антисемитизам не е ни вистински ниту толку насилен колку што звучи“ и дека целото движење околу него е само од „локално и живописно значење“.
„Тој само ја користи анти-семитистичката пропаганда како јадица за да ги запали масите, да ги поттикне и да ги држи во кондиција до времето кога неговата организација ќе се усоврши и ќе биде доволно моќна за да може да биде ефикасно искористена за политички цели“, изјавил некој анонимен политичар од тоа време, без да наведе кои се тие „повисоки“ и според него благородни цели за кои масите во моментот не треба да знаат.
Десет години подоцна, откако Хитлер бил пуштен од затвор каде лежел за предавство, и ја започнал кампањата за претседател, следеле уште статии полни комплименти. Списанието Тајм дури и го прогласило за „Човек на годината“ за 1938. Она што се случило често се опишува со терминот „нормализација“ - процес преку кој и најрадикалните идеи некако станале „нормални“ и никој на нив не гледал како на некаков загрижувачки сигнал.
Во време кога повторно се актуелизира реториката на „ама не го мисли тој тоа баш така“, едно критичко издание на „Мојата борба“ добива уште повеќе на значење.