„Ќе те направиме богат човек“, гласело ветувањето на издавачот. Не е ни чудо, оттаму, што Бурџес бргу се фатил за работа. Најпрвин напишал краток расказ, од него почнал да развива подолг текст и наскоро имал подготвено 200 страници. Напишан под наслов „Пеколната состојба“, романот требало да биде филозофска медитација за природата на модерниот живот. За жал ракописот никогаш не бил објавен, а и покрај гласините дека постои, никогаш не бил пронајден. До сега.
Минатата недела Универзитетот Манчестер Метрополитан соопшти дека професорот-експерт за Бурџес, Ендрју Бисвел, го открил ракописот во текот на каталогизирање на лавина материјали на починатиот писател, среде купишта хартија и околу 1000 часови аудио снимки кои се чуваат во неговата фондација во Манчестер.
Бисвел вели дека читателите не треба да очекуваат директно продолжение на претходниот роман, туку дека станува збор повеќе за есеистички коментари поврзани со голем број прашања поттикнати од „Пеколниот портокал“. Зошто Бурџес не ја довршил книгата? Една од претпоставките е дека Кјубрик по нивната првична соработка го притискал да продолжат со правење филм за Наполеон, кој никогаш не бил снимен (за што подетално пишувавме тука), но од кој произлегол романот на Бурџес „Наполеоновата симфонија“. Во меѓувреме „Пеколната состојба“ изгледа загубила на важност.
Главна инспирација за неа бил „Пеколот“ на Данте, а темата потребата на човекот да се отргне од пеколот на постоењето и да дојде во контакт со најдлабокиот дел од себеси. До објавувањето на целосниот текст, еве еден извадок:
„Ова е големо доба на комуникациите, но за што, по ѓаволите, се обидуваме да комуицираме? Секако не за реалноста...Она што секој мора да го препознае како човечка должност е потрагата по она што, вон хаосот на илузијата и мноштвото, навистина и во конечно постои - финалната монада, интелектуалното интимно сознание дека постои Бог, соголената идеја ослободена од глупостите поврзани со милосрдието и праведноста. И преку потрагата по убавина тој можеби нема да осознае дека Бог постои, но ќе се здобие со индиректно искуство за посебната природа или ’квалитетот’ на Бог. За ова треба да не подготви образованието. За жал тоа не е така.“