Една топла вечер во мај 1969, група восхитени коцкари се собрале околу веќе изветвена маса за рулет на италијанската ривиера. Во центарот стоел самоуверен 38-годишен професор по медицина во изгужвано одело. Тој само што ставил тогашни 100.000 (денешни 715.000) долари на една единствена бројка. Додека крупието го пуштал белото топче, во просторијата настапил молк. Дали ќе му се посреќи?
Но доктор Ричард Јарецки не се потпирал на среќата. Тој потрошил илјадници часови смислувајќи неверојатен метод на добивање на коцка, кој наскоро ќе му донесе современ еквивалент на повеќе од 8 милиони долари.
Роден во 1931 во еврејско семејство во Германија, Јарецки пораснал во хаотичен свет. Со подемот на нацистичката партија и на антисемитизмот, богато семејство (татко му бил дерматолог а мајка му наследничка на пари од бродоградбена индустрија), останало на улица. Соочувајќи се со интернирање на почетокот на Втората светска војна, тие избегале во Америка во потрага по подобар живот.
Во Њу Џерси младиот Јарецки наоѓал утеха во друштвени игри, но и во такви во кои со пријателите се коцкале на мали суми. Надарен со брилијантен ум способен да памти бројки и статистика, тој често и заработувал од нив. Се запишал на медицина за да го задоволи татка си, и навистина станал познат доктор. Но за сето тоа време чувал тајна: неговата вистинска пасија се криела во темните простории на коцкарниците.
Некаде околу 1960 тој се опседнал со рулетот. Забележал дека секоја вечер казината ги менувале картите и коцката со нови сетови, но скапите тркала останувале во употреба и со децении. Како и сите машини и овие се амортизирале. Јарецки почнал да се сомнева дека мали дефекти - гребнатинки, искривувања - можат да предизвикаат некои броеви да се паѓаат почесто отколку што тоа би се очекувало ако работите се оставени на случајноста.
Докторот почнал да го минува времето помеѓу хируршката маса и масата за рулет, рачно регистрирајќи илјадници спинови и анализирајќи ги статистичките абнормалности.
„Експериментирав додека не добив груба слика за системот базиран на претходни добитни цифри“, изјавил за Сиднеј Морнинг Хералд во 1969. „Ако бројките 1, 2 и 3 добиле во последните 3 рунди, тогаш можев да одредам која најверојатно ќе добие во следните три“.
И овој негов пристап не бил нов: Џозеф Џегер се смета за „пионер“ на таканаречената стратегија на „пристрасниот рулет“, а со неа заработил големи пари уште во 1880-тите. Во 1947 двајца истражувачи, Алберт Хибс и доктор Рој Влафорд, ја искористиле техниката за да купат јахта и да отпловат кон карибиското зајдисонце.
Но Јарецки не го правел ова само за пари. Тој сакал да го усоврши системот, неколкукратно да го повтори, и да го победи тркалото. Тоа всушност било борба на човек со машината.
По месеци собирање податоци, собрал 100 долари (толку имал заштедено за не дај боже) и влегол во казиното. За неколку часа тие сто долари станале 5000 (денешни 41.000). Потоа добивките почнале да се редат.
Во средината на 1960-тите Јарецки се преселил во Германија и почнал да предава на Универзитетот во Хајделберг, електрофореза и форензичка медицина. Кратко време претходно добил престижна мировна награда за неговата меѓународна соработка на полето на медицината, а како резултат на тоа добил пристап до елитна група лекари и научници. Но она што најмногу го интересирало биле европските рулети, бидејќи според негова проценка тие нуделе подобри шанси за добивка - наместо 38, тие имале 37 слотови, што ја намалувало шансата за добивка на касиното од 5.26% на 2.7%. Освен тоа биле уште постари од оние американските, полни со дефекти.
Со жена му Карол тој ги поминал повеќето казина низ Европа - Монте Карло, Франција, Германија. Парот ангажирал осуммина соработници кои воделе статистика за вртењата, регистрирајќи 20.000 вртежи во тек на еден месец.
Тогаш, во 1964, Јарецки зел заем од швајцарска банка (околу 30.000 тогашни долари) и по шест месеци завршил како милионер. Неговите победи станале интересни за медиумите од цел свет, од Канзас до Австралија. Сите сакале да ја дознаат неговата “тајна“, па тој им смислил приказна: дека неговите бројки му ги дава суперкомпјутерот Атлас, тогаш врв на технологијата. Со оглед на тоа што малкумина се разбирале од неговото ракување, јавноста му поверувала.
Полн кеш, Јарецки купил апартман близу Сан Ремо, набљудувајќи ги блиските казина. Преку детално истражување идентификувал маса каде бројот 33 се паѓал почесто. Во тек на неполна година почнал да врти неверојатни суми, толку големи што еден сопственик на казино, откако овој му зел денешни милион долари за еден викенд, издал 15-дневна забрана за негово влегување во просториите, затоа што „бил премногу добар“. Ама на 16-тата ноќ Јарецки се вратил и освоил уште 700.000 долари, колку што казиното немало во моментот, па морало да му издаде обврзница.
За да го надмудрат, казината каде ќе се појавел Јарецки ги менувале местата на неговите омилени рулети. Но професорот ги познавал сите рецки на дрвото, секоја промена на бојата, и секогаш го наоѓал оној кој му бил потребен.
Така, помеѓу 1964 и 1969 Јарецки заработил денешни 8 милиони долари. Со својот изглед кој воопшто не асоцирал на коцкар и авантурист, тој станал херој на сите студенти на неговиот универзитет. Откако се вратил во Њу Џерси почнал да се занимава со акционерство, и десеткратно си го зголемил богатството. Страста за играње ја пренел на синот, кој на возраст од девет години станал најмладиот шаховски мајстор во историјата. Во 1990-тите се преселил во Манила и останал таму до својата смрт во 2018, на возраст од 87 години.