„Лондонските работници и сиромаштијата“ е дело на викторијанскиот новинар Хенри Мејхју. Во 1840 тој набљудувал, документирал и опишал како живее работничката класа во Лондон преку серија статии во весникот „Морнинг Kроникл“, а подоцна ги собрал и во книга.
Мејхју, како вистински етнолог, педантно ги регистрирал начините на работа, навиките, верските убедувања и домашната ситуација на илјадници луѓе кои работеле на улиците на градот. Голем дел од материјалот сочинуваат детални интервјуа во кои тие ги опишуваат своите животи.
Еден од нив се викал Џек Блек. Работел како „уништувач на стаорци и кртови за Нејзиното Височество“, титула кој самиот си ја доделил бидејќи не постојат докази дека некогаш бил официјално ангажиран во ова својство. Делот посветен на овој лик содржи цртеж со неговиот целосен изглед, кој додуша, бидејќи е црно-бел, не ја доловува до крај живописноста на неговата маркантна појава. Носел „униформа“ која се состоела од зелен краток капут, џиш црвен елек, „пумпарици“, полуцилиндер и попречна лента со ознака на неговата професија. Стаорците ги заловувал најчесто живи и ги складирал во кафез. Ова особено важело за оние со необична боја, кои потоа ги мешал за да се котат и да создадат нови нијанси. Ваквите необично обоени животни потоа ги продавал на богати млади дами за да си ги чуваат како домашни миленици. Приказните велат дека дури и кралицата Викторија си чувала по некој стаорец. Биле организирани и изложби за „најубав примерок“, како денешните кинолошки натпревари, во кои комисија ја доделувала престижната титула оценувајќи го и изгледот, и однесувањето на сиротиот стаорец.
Анегдоти од тој период велат дека некои фаќачи на стаорци во Европа наместо да ги уништуваат всушност ги одгледувале и потоа ги пуштале на слобода, за едноставно да имаат повеќе работа. Сепак, тие биле под голем ризик на заразни болести, особено во текот на избивањето на бубонска чума на почетокот на 20 век (на пример во Австралија). Џек Блек бил многу пати каснат од стаорец иако без големи последици. Сепак почнал со себе да носи посебно тренирано куче-териер какви често се користеле и од страна на другите ловци.
Дека ова било занимање кое го имало на различни точки на планетата покажува и оваа мала јапонска скулптура, „Фрустрираниот ловец на стаорци“ од 19 век, која се чува во Уметничкиот музеј на Лос Анѓелес.