„Оваа книга содржи опомени и совети за првата љубов, и ги изнесува мааните и доблестите на младите кои се способни да влезат во брачен живот“.
Вака почнува книшката, или повеќе памфлетот издаден во 1923 година од издавачката куќа Славиjа (Виена/Белград/Загреб). Авторот е извесен Р. Герлинг (веројатно псевдоним, бидејќи за него не можевме да најдеме никакви податоци), а книгата освен текст содржи и 16 илустрации. Веднаш по ваквиот вовед се нагласува дека таа е преведена на француски, „швеѓански“, турски и полски и дека за само една година е продадена во над 200.000 примероци.
Авторот уште во првото поглавје јасно ги истакнува своите ставови кон бракот - дека тоа е институција која едноставно мора да се заснова, но сепак согласно рационални принципи. Тие пред сè се однесуваат на изборот на „здрава и убавка жена“, која на децата ќе им биде „здравоснажна и цврстокарактерна мајка“.
Под „здрава“ притоа се подразбира не само жена ослободена од медицински дијагнози, туку и таква која не е глупава, не е лезбејка, и (пазете ова) чии родители имаат толку години што кога ќе се поделат со нејзините го даваат бројот 7!
Еден од начините да се провери дали е сè во ред со потенцијалната е да ѝ се испита обликот на главата. Со мерачот на череп (можеби на времето промотивно продаван во комплет со памфлетот) може да се направи разлика меѓу „ненаситната“ и „обичната проститутка“, а има и упатство за препознавање на „родена курва“. Оваа последната може однадвор да биде шармантна и привлечна но „токму под мирисното лисје се крие змија, и нека секој човек го слави оној час кога добил корпа од ваква жена“. Улога играат и други особини, како на пример бојата на косата. Црвенокосите, имено, се во најголем број ревматични, но предност им е што ретко завршуваат во лудница.
Целта на авторот е да промовира здравје во средна Европа бидејќи јадрото на народот кој живее тука според него е во основа здраво. Така книгичката е повеќе превентива, за нерасипување на добриот (машки) генетски материјал со негово „валкање“ со лош женски.
Сајтот Lupiga.com го објави ова „дело“. Едно само ни остана нејасно - дали можеби незабележано поминала верзија „Дечки кои не треба да се земаат за маж“ и што ли би содржела таа. Сигурно една ставка би била „таков што чита и верува на вакви книги“.