Mилтон Рокич (1918-1988) бил полско-американски социјален психолог, најпознат по својот експериментален третман на тројца пациенти, секој од нив убеден дека е Исус. Идејата ја добил од статија во списанието Харперс во која се опишувале две жени кои верувале дека се Богородица. Откако обете биле сместени во иста болничка соба, една од жените се извлекла од својата опсесија како резултат на разговорите со цимерката, и била отпуштена од болницата.
Во 1950-тите најпопуларни методи за „лечење“ на психијатриски заболувања биле фронталната лоботомија и електро-шоковите. Спротивставувајќи се на оваа пракса, Рокич се залагал за психотерапија дури и кај најтешките случаи на параноидна шизофренија. Во случајов тој организирал заеднички сеанси со тројцата „Исуси“, конфронтирајќи ги нивните спротивставени гледишта, но на тој начин формирајќи и мала група за меѓусебна поддршка. Истовремено се обидел да манипулира аспекти на нивните заблуди преку лажни пораки од замислени личности кои им биле битни на пациентите. За жал не успеал да ги излечи, но документирал одреден број промени во нивните ставови.
Неговите соработници остро ја криткувале неетичноста на ваквите манипулации, а Рокич во поговорот на својата книга „Тројцата Исуси од болницата Ипсиланти“, во кој детално го опишува експериментот, признава дека иако не успеал да излекува ниту еден од тројцата Исуси, тие го излечиле од илузијата дека може да им ги смени уверувањата.
Книгата е основа за филм под наслов „Состојба на умот“ (првичниот наслов бил „Тројцата Исуси“) со Ричард Гир од 2017. Прилично мелодраматичен и со лоша глума дури и од ветерани како Гир, тој не успева да го извлече максимумот од интересниот случај. Во него сепак малку подетално се запознаваме со биографиите на пациентите. Џозеф (го игра Питер Динклич - најубедлив во својата улога) е исмеван поради својата џуџеста висина од детство, верува дека е Британец и едвај чека да биде отпуштен од болницата за да се „врати“ таму; Клајд ја оплакува смртта на својата жена која умрела при абортус, постојано се тушира за да се ослободи од замислена смрдеа на фетус во распаѓање; и Леон, воен ветеран со радикално религиозна и зла мајка. Сите тие го користат ликот на Исус како начин да се заштитат себеси од внатрешната болка. Докторот и неговата филмска асистентка (која не се спомнува во биографиите) успеваат да ја стекнат нивната доверба, да организираат заеднички „седници“ па дури и сесии на играње карти и хорско пеење. Сепак, целиот експеримент не поминува без последици.
Она што многу збунува во филмот е името на докторот, кое е Алан Стоун. Намерно или случајно, тоа е име на сосема друг психијатар, кој додуша како и Рокич се служел со неортодоксни методи, ги нарекувал тогашните државни психијатриски болници „магацини раководени од бездушни бирократи“ и сакал да покаже дека психијатриското вештачење на судски случаи во најголем дел е подложно на толку големи манипулации што треба да се забрани (единствениот пат кога сведочел во таков процес станувало збор за симулација на судење на Хамлет, во кое Стоун докажал дека бил при здрава памет кога го убил Полониј). Веројатно е многу подобро наместо преку филмот, оние кои сакаат подетално да се запознаат со случајот тоа да го направат преку мемоарот на Рокич.