„Но јас не сакам да одам меѓу лудаци“, забележа Алиса.
„О, па ти немаш многу избор“, рече Мачката. „Сите ние сме овде луди. Ја сум луда. Ти си луда“
„Од каде знаеш дека јас сум луда?“, праша Алиса.
„Мора да си“, рече Мачката, „инаку не би била овде“.
Вака гласи мотото на романот со дијагностички наслов, составен од монтирана лична заменка, сечен глагол и лепена именка - „Ние сме лудаци“. И навистина многу луди работи се случуваат во книгата, иако не е баш најјасно дали авторот вложил вонреден напор да ја измисли ненормалноста, или пак неа само ја препишувал, како етнограф на нашето секојдневие.
За и нагледно да ви го покажеме тоа, одбравме извадок од книгата кој може да функционира и како засебен расказ. Зошто токму овој, набргу ќе ви стане јасно - до прекарите е.
Втор случај: изгубено ливче за обложување
Вториот случај не беше толку едноставен. Кокаланов знаеше дека ова е првиот вистински тест за неговите капацитети. Беше изгубено ливче од кладилница.
Приказната е како за на филм. Мора и така да се раскаже.
Ерол, осум години, на прекар Џексон, Ромче од Баиро крај Битола, денот го поминува просејќи по Широк сокак. Има свој стил на просење, им ги знае омилените песни на битолчани, па кога минува крај маса каде што познава некого, пее и игра имитирајќи го изведувачот на песната. Ерол парите му ги предава на најстариот брат Демир, четиринаесет години. Имаат и една сестра, Фериџе (16), која се проституира кај тунелот на патот Прилеп-Ресен, во близина на нивната куќа од голи тули.
Во кафаната „Роки“ на Широк сокак пијат ракија Менде Фикснио (58), невработен страстен обложувач, Ламбе Стабилнио (60), костумосан газда на текстилна фирма што работи за Грција, поранешен пратеник во три мандати од три различни партии, познат како голем скржавец и Дејан Ќумуро (24), новинар-дописник од Битола за национален дневен весник претпладне и скараџија кај „Роки“ попладне.
Еве што се случило, барем според нотесот на Кокаланов.
Стабилнио го вика Џексон на масата каде што седат, му нарачува песна, а потоа не му дава ни денар, правдајќи се дека нема ситно. Додека божем си ги претресува џебовите, во ременот му се гледа пиштолот. Бара другите двајца да платат, и тие се правдаат дека немаат. Џексон налутено ги истура сите ситни испросени пари од џебовите на масата и им вели „Еве ви клошари, јас честам“. Стабилнио збеснува, му наредува на Џексон да си ги собере парите, а на Фикснио веднаш да му даде на Џексон дваесет денари за да не ги зборува чаршијата. Си заминува. Наместо пари, Фикснио го фаќа за ракав Џексон, го влечка до кладилница, и му дава тикет со влог од 20 денари, велејќи му дека ќе добие пет илјади евра и ќе стане богат.
Џексон му ги дава испросените пари на Демир. Вечерта татко им Амди (35), собирач на отпадна хартија и пластика, пали оган во куќата, им дава чорба од стари компири за вечера, а Џексон додека јадат им раскажува за тикетот. Демир прво хистерично се смее, а потоа го удира Џексон со тупаница по лицето, зашто наместо пари прима ливчиња. Таткото му го бара тикетот за да го фрли во огнот, зашто никој будала не би му го дал ако вистински може да донесе пет илјади евра. Џексон лаже дека го фрлил уште во градот, а без да го забележат другите го сокрива во патиката. Си легнува. Од соседната куќа се слуша пренос на фудбалски натпревар од портаблето во дворот. Повеќемина се собрани, навиваат и галамат. Се расправаат дали е посилен Еибар или Леванте.
Кокаланов ја имаше проучено целата приказна. Сега ги знае сите детали. Може да направи целосна реконструкција на настаните.
Семејна вечера во домот на Стабилнио. Тој седи на чело на масата. Жена му Добринка (55) служи вечера. Ќерката Габи (26), на прекар Печурката, им соопштува дека ќе се мажи. За самата себе. Објаснува дека шест години е без никого, дека е осамена, а дека со себе се чувствува најсреќно и дека сака тоа да го овековечи. Стабилнио е изваден од памет, урла по неа дека е луда и дека сака да ги полуди и него и Добринка, дека сака да го осрамоти семејството, во бес го вади пиштолот, марка Аркус 98ДА и ѝ се заканува дека лично ќе ја отепа ако продолжи да се глупира и ако за таквата глупост разбере чаршијата. Добринка го спечува да ја удри, Габи Печурката истрчува низ вратата и бега од дома.
Ќумуро гледа Еибар-Леванте. Го прекинува тропање на вратата. Отвора. Печурката е. Го моли да преспие во шупата кај што правеле журки како деца и да не каже никому за да не ја разбере татко ѝ. И ја отклучува шупата и носи ќебиња, ја прашува зошто побегнала од дома, таа му одговара дека е комплицирано и оти утре на раат ќе му раскаже, иако се сомнева дека некој ќе ја сфати.
И Фикснио е дома, седи пред телевизорот. Во оф се слуша пренос од Еибар-Леванте, но тој не го гледа преносот, туку на телевизорот има пуштено телетекст и следи резултати во живо. Пред него има пепелник со запалена цигара, тикет и пенкало. До масата на земја има шише со ракија. Жена му дреме на каучот. Нему му се менуваат расположенијата, де пцуе, де се радува велејќи ѝ на жена си дека ќе се прежени за помлада ако лапне пет илјади евра. Заокружува уште еден пар на тикетот, веќе има десетина заокружени. На тикетот има точно дваесет натпревари, како што евидентира подоцна во истрагата Кокаланов. Жена му, исто се вика Добринка, се буди, се жали дека ја боли главата, Фикснио ѝ кажува дека засега добро му оди и дека ако фати, а не успее да се прежени за помлада, ќе си купи германски овчар женка и ќе ја крсти по неа.
„Не можеш да крстиш кучка Добринка.“
„Кој ти вика. Твоите можеле, оти јас да не можам.“
Ја гасне цигара во пепелникот.
„Ќе го земам оркестарот на Диме Фалшо и со музика ќе одам по парите.“
За тоа време во главниот град, Тони (34), новинар на дневниот весник „Хроника“, му се јавува на колегата од факултет Дејан Ќумуро, кого на времето го бутнал за дописник од Битола, да му каже дека излажал во редакција оти имаат некоја јака тема, за да не ги шутнат од работа двајцата поради слаба продукција. Има Тони добра приказна за танчар што му ставиле црн печат во пасошот зашто се сплеткал со жена на полициски началник, но му е страв да ја објави. Не се пишува за љубов во време на мафија. Оди во Битола. Пишуваат лажна репортажа за измислен печуркар кој се збогатил.
Кокаланов нема никакви дилеми што се случувало потоа.
Џексон проси по Широк сокак. Од едно споредно сокаче излегува Фикснио, а зад него го следат музичарите од оркестарот. Фалшо очекувано фалшира на трубата. Фикснио стасува пред вратата на кладилницата и го здогледува Џексон. ѝ наредува на музиката да запре. Се гледаат неколку секунди. Потоа Фикснио почнува да трча по Џексон, а овој да бега. Фикснио урла:
„Застани! Да ми ги вратиш петте илјадарки!“
Сепак, премногу е пијан за да го фати. Џексон трча вознемирено кон Германските гробишта, постојано се врти назад за да провери да не го брка Фикснио. Одеднаш некој силно го удира во главата, Џексон паѓа на земја, му тече крв од носот. Тоа е брат му Демир. Демир видел сè и знае зошто го бркаат.
Во куќарката на Џексон. Сите се собрани околу него. Татко му Амди и Демир го малтретираат да каже каде го фрлил тикетот. Потоа го тепаат затоа што го фрлил.
Ноќ. Ќумуро купува намирници од продавница. Ја отклучува влезната врата од куќата каде што живее. Слуша глас од зад грб:
„Те молам пушти ме да влезам“.
Се врти, тоа е Џексон. Го пушта.
За тоа време, во редакцијата на „Хроника“ влегуваат двајца полицајци, го бараат Тони. Отвораат весник. Покажуваат со прст на насловот: „ѝ побегнал на сиромаштијата берејќи печурки“ и го прашуваат дали овој текст е негов. Тони потврдува. Го прашуваат дали може да им даде податоци за човекот, зашто лице со такво име и презиме немаат во евиденцијата. Тони им одговара дека нема обичај да им бара лична карта на соговорниците - како ќе се претстават, така ги пишува во текстот. Му кажуваат дека тој човек, баш таков каков што е опишан во текстот, продал три килограми отровни печурки на ресторан во Битола.
„Има ли настрадани?“
„Нешто ситно.“
„Колку ситно?“
„Мајка, татко и петнаесетгодишна ќерка се мртви, седумгодишниот син се бори за живот заедно со уште четиринаесет гости кои се хоспитализирани.“
„Хоспитализирани се во болница“ дополнува вториот полицаец.
„Неверојатно!“, коментира Тони.
„Да не ти се верува“, вели првиот полицаец.
Му бараат телефон од човекот. Тони не може да го најде.
Кокаланов по спроведената истрага знае како двете приказни потоа се споиле. Тони отишол веднаш во Битола кај Ќумуро. Потоа заедно со Џексон и Печурката, на предлог на второнаведенава, одат во нејзината викендица во Магарево.
Но, внимавајте што се случува таму.
Печурката им ја покажува куќата. Во визбата наоѓаат стари вина, на таванот закачен виси цел бут пршута. Прават план да ја подигнат добивката. Поднапиена, Печурката го кани Ќумуро да ѝ биде кум на свадбата кога ќе се мажи за самата себе. Ќумуро се согласува, под услов да се служи само месо на жар. Тони ѝ вели дека е глупаво убава девојка да се омажи за себеси, таа дрско му одговара дека во куќава ќе има шанса да се потруди за да ја предомисли.
Утрото Печурката се буди, а до неа под постелата е Тони. Кокаланов правилно заклучува дека тие спиеле заедно, но тоа оправдано не го смета за релевантно за истрагата.
„И сега, ќе се откажеш од лудата идеја да се мажиш за себеси?“, прашал Тони.
„Не. Но, се договорив со себеси да имаме слободен брак.“
Тони ѝ рекол дека е луда, Печурката хистерично се смеела.
Следната ноќ Стабилнио се довезол со бе-ем-вето и со Фериџе во викендицата, која според наодите на Кокаланов, главно за тоа и му служела.
Се случила вистинска драма.
Пред влезната врата на викендицата во Магарево. Стабилнио ги вади клучевите. Се обидува да отклучи. Овде некој има провалено, ѝ вели гласно на Фериџе. Влегува. Слуша звуци. Го вади пиштолот. Го репетира. Се приближува, ја отвора вратата. Настанува општ хаос. Не се знае кој во кого пука, но епилогот е еден мртов (Стабилнио) и двајца ранети (Џексон и Печурката). Кога го примиле Стабилнио в болница, лекарите рекле дека е во стабилна состојба. Потоа си испуштил душа. Најстабилно. Нема ништо постабилно од смртта.
Вистинскиот печуркар го нашле следниот ден. Печурките биле во ред, само не ги чувал на прописна температура, па го пуштиле со кауција.
Ете така отприлика сè се случило. Барем според истрагата што ја спроведе Кокаланов.
Иако, ако го ставите во тесно, ќе ви признае дека новинарот и уште два-три лика се додадени заради заплетот на филмската приказна што планираше да му ја продаде на режисерот на „Комплицирани врски“. Режисерот праша колку бара, Кокаланов ја соопшти сумата и кажа дека не планира да се ценка. Режисерот ја прекина врската и го исклучи мобилниот.
Всушност, приказната без непотребните компликации изгледа вака: Стабилнио му дава ливче на Џексон наместо пари. Џексон го крие ливчето во патика. Ливчето излегува добитно. Добивката не е пет илјади евра, но не е воопшто за потценување - 572 денара. Стабилнио врти во детективската канцеларија на Кокаланов:
„Морам да го најдам ливчето. Не е за парите. Многу го сакам чувството кога подигнувам кеш од касата во кладилницата“.
„Тоа ќе ве чини“, вели детективот за изгубени предмети.
„Колку?“
„Па, патни трошоци до Битола и 10 отсто од добивката.“
„Пет отсто.“
„Не се ценкам за вакви работи.“
„Океј, тогаш седум отсто, ама ќе ти признам само половина од патните трошоци.“
„Договорено.“
Кокаланов купи повратна карта за Битола за 600 денари и замина веднаш во акција. Лесно го пронајде Џексон и му го побара тикетот. Џексон беше кооперативен, но побара 300 денари за ливчето. Се спогодија за 270 и мастики чунга-лунга. Потоа се најде со Стабилнио на ќебапи кај „Роки“. Му го даде ливчето, а овој му призна 246 денари од превозот, зашто останатите беа ДДВ.
„Не го правам ова за пари, инаку ако се пресметам, добивката ми е минимална“, рече Кокаланов додека ја плаќаше сметката за ќебапи.
Кокаланов ги плати ќебапите, ама се исплатеше, Ќумуро е вистински мајстор за јадења од мелено месо на жар.
„Чувството кога ќе решиш случај мора да е прекрасно?“
„Катарза!“
„Екстаза!“
„Имаш?“
„Имам.“
„Колку?“
„Двесте денари парче, ама тебе ќе ти ја дадам за двесте и педесет.“
„Дај две“
„Повели. Седумсто денари.“
„Имам само шесто.“
„Океј. Другпат ќе ми ги дадеш преостанатите двесте.“
(од романот „Ние сме лудаци“ во издание на Или-Или)