Приказната за „Блек лист“ - список најпопуларни сè уште неснимени холивудски сценарија

Секоја година во САД се регистрираат повеќе од 50,000 сценарија. Но само мал број од нив навистина се снимаат, а уште помал број засекогаш ја менуваат филмската историја. Чисто статистички, помеѓу нив мора да има и нешто што вреди. Но како тоа нешто да се најде? Еден човек решил да не игра по правилата. 

Во 2004 Френклин Леонард имал 20-тина години, сакал математика и да ги минува викендите сам, во полупразни кино сали, гледајќи буквално сè што излегувало од големите холивудски студија. Дипломирал на Харвард, и потоа решил да бара работа во филмскиот бизнис.

Во моментот кога се сретнал со Леонардо Дикаприо на последната рунда интервјуа за работно место во неговата продукциска куќа, славниот актер само што го завршил „Авијатичарот“. Кога го примиле бил пресреќен, но набргу сфатил што подразбира неговата работа - да бидеш никој и ништо, кој по цел ден се обидува да си го најде патот низ океан грозни филмски сценарија, барајќи го „скапоцениот камен“ за најголемата филмска ѕвезда на светот.

По кратко време Леонард сфаќа дека неговата работа е како да влезеш во најголемата книжарница на светот, во која секоја книга има иста насловна, не постојат осврти, нема „кратка содржина“ на задната корица. Неговата задача била да влезе во ваквата хипер-анонимизирана архива и од таму да излезе со добар „улов“ - најдобрата книга/сценарио. Ова го опишува и со уште една метафора - замисли дека секоја сабота (кога обично читал сценарија по дома) е Божик. И дека секоја сабота трчаш до елката надевајќи се дека ќе го добиеш она што најмногу го сакаш. А добиваш пар чорапи.

По некое време сфатил дека поединечните напори на луѓето како него во сите продуцентски куќи во САД никогаш нема да вродат со таков резултат каков што би можело да има колаборативното работење врз сценаријата. И онака сите во негова ситуација ја имаат истата работа - да читаат и да бираат. Зошто тој и неговите колеги не би ги споделиле информациите?

Проблемот е очигледен - сите се конкуренти, па протечената информација за квалитетно сценарио се третира како скапоцена валута. Оној кој ја има, ја зграпчува како Голум прстенот во „Господарот на прстените“. Но нашиот лик решил да игра поинаку и да направи мала револуција во оваа методологија.

Направил список на луѓе од индустријата со кои соработувал, се дружел, пиел, појадувал. Ниско рангирани продуценти како него. Ги ставил во една мејлин листа, отворил анонимен мејл blacklist2005@hotmail.com и испратил порака до 75 од нив. Името на групата асоцира на филмските режисери и сценаристи кои биле ставени на „црната листа“ во ерата на Мекарти, а целта било и да ја промени симболиката на „црно“ како нешто лошо. Без да се претстави, тој ги замолил колегите да му предложат добри неснимени сценарија, а за возврат ветил дека откако ќе ги сумира одговорите, ќе ја испрати „топ листата“ на најдобри на сите кои ќе соработуваат. Притоа приложил 10 свои предлози.

Најпрвин не верувал дека луѓето ќе реагираат. Мислел дека се плашат. Но веројатно сите се чувствувале малку „заглавени“ во својата потрага и им требало помош. Сандачето почнало да му се полни. Секогаш кога некој ќе спомнел исто сценарио, Френклин го третирал тоа како глас за сценариото. И сето ова го ставал во ексел таблица.

Резултатот од првата размена - 25 луѓе гласале за „Нештата што ги загубивме во оганот“ од Алан Либ. 24 го спомнале „Џуно“ на Диабло Коди. 15 гласови за „Ларс и чудната девојка“ од Ненси Оливер. Вкупно десет наслови, на сценарија кои барем на прв поглед не биле типично „холивудски“.

Но освен што му се полнело анонимното сандаче, истиот список почнал да му стигнува и во она под негово име. Колегите биле воодушевени од идејата, иако немале поим дека тој стои зад неа. Конечно му станало јасно дека создал нешто влијателно кога некој агент му јавил дека има совршено сценарио за Лео, и „немој да кажуваш никому, ама имам информација дека ќе биде број 1 на Блеклист следната година“.

Во меѓувреме информацијата дека Френклин стои зад листата сепак протекува. Иако не е јасно дали е ова причината, тој ја губи работата кај ДиКаприо. Но затоа го примаат кај продуцентите на „Талентираниот г-дин Рипли“, „Тутси“ и „Англискиот пациент“. Среде интервју еден од нив се наведнува кон него и го прашува - „Стварно си ти човекот што ја создаде ’Црната листа’“?

Френлин потоа станал извршен продуцент во Јуниверзал студиос, па потпретседател на компанијата на Вил Смит. Како што се развивала неговата кариера, така станувале повлијателни филмовите од Црната листа. Холивуд почнал да продуцира според неа. По само три години, во 2008, за Оскар за сценарио се номинирани два од спомнатите филмови на листата: необичната драма за една секс кукла - „Ларс и вистинската девојка“ и Диабло Коди, вистински холивудски аутсајдер, чие сценарио за „Џуно“ е дебитантско, продолжение на нејзиниот мемоар за тоа како работела како стриптизета. „Џуно“ го добива Оскарот. А потоа често спомнувани и наградувани стануваат и други филмови од списокот. Во тек на 15 години, на него се појавиле четири филмови кои добиле Оскар за најдобар филм.10 добиле Оскари за сценарија. Збирно, 60 филмови од списокот добиле Оскар, од 280 кои биле номинирани.

Секако, не може да се тврди дека само нивното појавување на оваа листа била клучна. Но едно е јасно - дека Црната листа направила нешто што Холивуд не успеал да го направи, да го претвори субјективното („дали ова сценарио е добро?“) во нешто колку-толку објективно и мерливо. На пример, сценаријата од Блек лист кои биле претворени во филмови заработиле (или уште заработуваат) 90% повеќе од оние кои не се на листата. И ова според Френклин има голема логика. За некој филм да биде и добар и успешен треба да се погодат милион нешта. Но прво и основно е да се почне од одлично сценарио, од талентиран писател.

Френклин се уште ја води Црната листа. Но сега и продуцира филмови од неа, иако не ги крие препорачаните сценарија. Неговиот пристап е - Холивуд, ова е навистина добро. Треба да се направи. А ако не, ќе го направи мојата продуцентска куќа.

извор

13 јули 2020 - 10:57