Во 1624, лекар по име Жан-Батист ван Елмонт раскажал необична приказна во своја стручна книга, за човек од Брисел кој го загубил својот нос во битка. Тој отишол кај славниот италијански хирург Гаспаре Таљакози, кој му ветил дека ќе му направи нов, таков што ќе го следи „природниот модел“ на загубениот. Проблемот бил тоа што хирургот сакал да употреби кожа од пациентот за да го рекреира носот. Бидејќи оваа идеја не му се допаднала, обезносениот човек се одлучил да си купи нов лик. Му платил на локален носач да донира кожа и нарачал да му се направи нов нос од туѓото ткиво.
Сè изгледало добро, но по една година носот почнал да затврднува и да се лади, за наскоро целосно да се откачи.
Кога почнал да се интересира за причината за оваа несреќа, човекот сфатил дека носачот кој ја донирал кожата умрел речиси во исто време кога носот почнал да се лади. Ова му било доказ за поврзаноста на позајменото ткиво и оригиналниот сопственик.
Ваквата врска помеѓу отстранетиот орган или ткиво и оригиналниот сопственик е честа тема на 17-вековната филозофија. Таа укажува на длабокото уверување дека физичкото тело е поврзано со личниот идентитет. Ова од денешна гледна точка изгледа необично, со оглед на тоа колку се чести козметичките хируршки зафати, меѓу кои и трансплантациите на кожа. Тие во 17 век би биле сметани за нешто што припаѓа на светот на фантазијата. Но луѓе како спомнатиот Таљакози биле пионери во оваа област.
Во време пред антибиотици или анестезија, операциите од овој вид биле опасни и болни. Тие се правеле не толку за убавина, туку за покривање на фацијални рани од војни и од епидемии на заразни болести, меѓу кои најопасен бил сифилисот. Тоа бил најсрамниот начин некој да си го загуби носот, а најчесто им се случувало на мажите кои посетувале бордели но кои лесно можеле болеста да ја пренесат и дома.
Веројатно спомнатиот пациент имал слична мака, но од друга страна, за разлика од многумина други, ги имал и вистинските познанства и финансиски средства за да преземе ваква операција. Не се знае точниот број на вештачки носеви кои ги креирал Таљакози, веројатно затоа што умрел рано, на само 49 години, и не стигнал да остави детална автобиографија. Сепак тој тврдел дека можел да ги направи „толку совршени“ што некои пациенти ги бендисувале повеќе од оние оригиналните, дарувани од природата.
Подемот на трансплантации ги загрижил граѓаните, кои правеле напори да се обезбедат дека нивните тела ќе останат недопрени по смртта, дури и од страна на сопствените семејства. Оние со ампутации ги закопувале нивните екстремитети, со мисла дека можеби на оној свет повторно ќе им се вратат. Сите овие контроверзи се фокусирале на верувањето дека идентитетот на човекот не може да биде одделен од неговото тело. „Калемениот“ орган или месо секогаш „му припаѓале“ на оригиналниот сопственик.