„Причекајте со аплаузот, на крајот нема да ракоплескате“

Славој Жижек предизвика скандал на Франкфуртскиот саем на книгата

Ситуацијата на Блискиот Исток е главна светска тема, а во согласност со тоа помина и отворањето на најголемиот саем на книгата во светот, франкфуртскиот Бухмесе. Со својот говор словенечкиот филозоф предизвика излегување од салата и протестни повици од голем број присутни, кои неговите зборови ги протолкуваа како оправдување на тероризмот на Хамас. 

„Причекајте со аплаузот. На крајот нема да ракоплескате. Горд сум што сум тука, на книжевниот саем. Книгите денес ни се потребни повеќе од кога и да е. Без нив нема решение за грозната војна во Газа. Безусловно го осудувам Хамасовиот напад на Израелците долж границата со Газа - без какви и да е 'ако' или 'но'. На Израел му го признавам правото да се брани против заканата. Сепак...“.

Вака почнува говорот на Славој Жижек на отворањето на Саемот на книгата во Франкфурт, на кој Словенија оваа година е земја во фокусот. 

Пренесуваме акценти од целото излагање.

„Би сакал да ви го свртам вниманието на прекрасен детал кој денес го забележав на Саемот. Последниот збор од говорот на словенечкиот претседател беше Палестина! Тоа е воедно и единственото споменување на Палестина. Сето останато се однесуваше на Хамас против Израел. Се извинувам, но во овој миг, морате да ги вклучите и милионите Палестинци.

Исмаил Ханије, лидерот на Хамас кој секако удобно живее во хотел со пет ѕвездички во Дубаи, на денот на нападот врз Евреите го порача следново: Имаме да ви кажеме само едно нешто, тргнете ни се од земјата, да не ве гледаме. Оваа земја е наша, сето ова е наше! Нема тука ни место ни безбедност за вас!

Јасно и одвратно! Но нели и израелската влада кажа нешто слично, иако секако на многу поцивилизиран начин? Ова еден од првите принципи врз кои почива израелската актуелна влада. Цитирам од службен извор: Еврејскиот народ има ексклузивно и неотуѓиво право да живее во сите земји на Израел. Владата ќе го промовира и ќе го развива населувањето на Галилеа, Негев, Голан, Јудеа и Самарија.

Или, изјавата на Бенјамин Нетањају: Израел не е земја на сите свои граѓани, туку земја на еврејскиот народ и само негов. Зарем ваквите принципи не исклучуваат какви било преговори? Палестинците се третирани само како проблем, додека државата Израел не им дава никаква надеж во земјата во којашто живеат. 

...Многумина мои пријатели велат: 'Да, Палестинците имаат право да бидат по малку антисемити затоа што, гледаш што им прават Израелците'. Или, од друга страна: 'Израелците имаат право да бидат малку насилни, бидејќи види што им правевме ние во холокаустот...'

Мислам дека тука нема што да се разбере. Треба да се оди до крај во обете насоки. Да се застане во одбрана на палестинските права, како и во борбата против антисемитизмот.

[Говорот го прекинува некој од публиката: „Не можете да го споредувате Хамасовиот терор со она што Израел го прави на израелска територија, се извинувам. - според Ди Цајт тоа е гласот на Уве Бекер, германски државен секретар за европски работи и антисемитизам. Освен што го прекинува словенечкиот филозоф, Бекер неколку пати излегува од салата во знак на протест)

„Не го правам тоа. Не споредувам“, одговара Жижек.

„Релативизирате!“, предупредува некој од масата додека се множат реакциите од публиката.

По кратка пауза Жижек му се обраќа на аудиториумот: „Сега гледате во пракса што значат слоганите 'Различност, инклузивност...', на што публиката реагира со долго ракоплескање.

„Тоа е логиката на кенсл културата. За да ја имамеме нашата разноликост, некои секако мораат прво да бидат исклучени. Зборувам за бројните Палестинци кои ги познавам, извинете ако сега малку експлодирам. Доколку постои во оваа просторија некој кој направил повеќе за мирната соработка помеѓу Палестинците и Израелците, јас му симнувам капа. Но нема таков! Што можете да направите повеќе? Со пријателите во Рамала организирав голем собир во чест на Евреинот Валтер Бенјамин (германски филозоф од првата половина на 20 век)! Немаше никакви проблеми! Во Рамала организирав и школа за филм со професори-Евреи...

Зошто го зборувам ова тука во Франкфурт на саемот на книгата? Затоа што само читајќи книги можеме да бидеме свесни за ситуацијата. Литературата е привилегиран медиум кои ни ги прави опипливи длабоките двосмислености и комплексности на нашиот проблем. Не ја мистифицирам поезијата. Од друга страна е мојата теза, и повторно ќе ве шокира - нема етничко чистење без поезија! 

Сетете се на Руанда, таму беше голем локален поет. Сетете се на војните во бивша Југославија - Радован Караџиќ. Прилично ценет поет, ако не ја сметаме војната. Да не ги спомнувам луѓето како Мао Це Тунг итн.

Затоа бев шокиран кога слушнав дека е одложена церемонијата на доделување наград на Аднија Шибли (за што пишувавме тука), одлука која ја сметам за скандалозна.

Да, тероризмот против Израел е во спротивност со сите вредности кои ги подржува саемот. Тоа еднакво вреди и за колективната казна кои ја трпат милиони во Газа, како и за укинување на церемонијата за наградата на Шибли. Гледате, тука им приоѓаме на парадоксите на кенсл културата. 

Целото видео тука:

20 октомври 2023 - 19:50