Најголем извор на подобрување во областа на машинскиот превод е примената на „длабокото учење“ при обука на ваквите системи, кои ја имитираат активноста на мозочните неврони. Но и други елементи имаат придонесено за тоа машинското преведување во последниве неколку години да станува сè поквалитетно. Одделни бизниси имаат создадени специјалистички речници, за значајни термини од соодветната област да можат да бидат преведени прецизно и конзистентно. Сега една преведувачка машина може да биде тренирана само врз основа на податоци од професионален домен (како право или медицина), со тоа развивајќи ја понатаму својата точност. Други програми интегрираат машински со човечки преведувачи. Ова значи дека дека повеќето од вклучените луѓе го минуваат своето време проверувајќи и рафинирајќи ги резултатите од машинското преведување, а не правејќи го најголемиот дел од преводот самите.
Да се биде коректор на машина можеби звучи депресивно. Но на ова може да се гледа и поинаку. Депресивно е и ако човек постојано преведува идентични фрази, за кои не може (или дури и не смее) да покаже никаква креативност. Со тоа што машината ги врши лесните нешта - деловите кои се преведуваат на истиот начин - преведувачот добива можност да ги примени своите специјалистички знаења, и да врши интелектуално поинтересни задачи.
Такви проблеми можат да бидат пронаоѓање на адекватна замена за референца која е позната во еден јазик и културен контекст, но е непозната во друг (она што вообичаено се нарекуваат „тешко преводливи зборови“). Или фаќање нијанси кои можат да имаат критично значење за смислата - на пример шпанскиот збор „доло“ кој би требало да се преведува како „намерно прекршување на правилата“, но кое софтверот го преведува како „злоба“. Бидејќи законот за којшто станува збор значајно ги зголемува казните кога незаконското однесување е „намерно“, ваквиот превод може да биде потенцијално катастрофален, а соодветниот може да биде направен само со вистинската комбинација на правен и лингвистички сенс.
Ова, значи, не може да се направи од некој кој само знае шпански и англиски и бил на часови по преведување. Лошата вест за некои преведувачи е дека времето кога тие би можеле да вршат репетитивна работа со едни и исти речници е поминато. Добрата вест е дека она што останува ќе претставува голем предизвик за оние кои го имаат и знаењето и „уште нешто-то“. Преведувачите на иднината нема да бидат ни целосно човечки ни целосно машински. Тоа ќе бидат човечки суштества со механички додатоци.