Се работи за разговорен филм, патување низ времето во дијалошка форма, она време кое според авторите треба да престане, но кое одново и одново се повторува. Тој има три тематски нивоа, првото за работата во редакцијата на Ферал, за објавените книги на фераловата тројка, но и за општествено-политичките премрежја низ кои има поминато весникот. Како илустрации се користат архивски материјал и по некоја анимација.
Бидејќи Ферал бил цел новинарски „погон“ низ кого поминале многумина, ова не е начин да се направи сеопфатна слика на овој весник, туку приказната се фокусира на најпрепознатливите - Иванчиќ, Дежуловиќ, и неодамна починатиот Луциќ.
Идејата за филмот дошла пролетта 2015 кога е и снимен, но постпродукцијата траела скоро три години. За премиерата и другите проекции низ Хрватска се барала карта повеќе, од луѓе кои низ годините го препознале напорот на весникот да ги сочува идеалите на човечноста и солидарноста, сето тоа низ многу „лудизам“, низ смеа и игра со јазикот и со закостените концепти.
Истовремено со филмот во Загреб беше претставено и четвртото, дополнето издание на Борис Павелиќ, монографијата посветена на Ферал, „Смеа на слободата“.