Амбивалентноста се дефинира како истовремено искусување на позитивни и негативни емоционални или когнитивни ставови кон некое лице, ситуација, предмет, задача или цел. До ова може да дојде затоа што она што би требало да го чувствуваме (на пример радост на свадба, тага на погреб) е општествено нормирано, но не секогаш се поклопува со она што навистина го чувствуваме.
Традиционално амбивалентноста се смета за нешто што треба да се одбегнува, и на лично ниво и на ниво на однесување на работното место и во професијата. Aко во медиумите излезе некој којшто е претставен како експерт и нема точно одреден став кон некое актуелно прашање од неговиот домен, тоа се смета за слабост и неодлучност. Уште повеќе ако тој некој треба да донесе брза и ефикасна одлука, како менаџер или претседател на држава. „Имам помешани чувства кон тоа и тоа“ е недозволива изјава, дури и ако е вистинита. Таа тогаш се заматува со флоскули и општи фрази кои овозможуваат добивање на време за ставот да се кристализира. Секако, ако човекот што ја дава е навистина амбивалентен, а не импулсивен во своите одлуки, само затоа што мора да биде таков.
Психолозите кои ја проучуваат амбивалентноста велат дека иако во смисла на ефикасност оваа карактеристика може да предизвика негативни последици, таквите ситуации се поретки. Многу поважно на подолг рок, и за индивидуални и за колективни потреби, е амбивалентноста да се третира како сигнал дека нештата не се црно-бели, и дека е потребно подетална проценка пред донесување на крајната одлука.
Тука станува збор главно за два фактора: димензијата на флексибилност и димензијата на вистинско занимавање со проблемот. Амбивалентноста стереотипно се смета за закочување во место и пасивизација. Но тоа е всушност „сива зона“ во која човек си остава простор да биде флексибилен и неодреден. Втората димензија е давање на себеси време за подетална анализа на проблемот, а не попуштање под притисокот на сопствените или туѓите очекувања.
Она што е важно е доколку постојат амбивалентни чувства во некој колектив, да е дозволено тие да се искомуницираат, без луѓето да се чувствуваат дека искажувајќи ги ќе ја расипат „забавата“ или ќе изгледаат недоволно решителни. Во компетитивни ситуации оној кој има одлучен став и наметнува решенија се вреднува како лидер. Споделувањето на недоумица може да биде сигнал за спротивното, и да биде земено за зло. Но оној кој е на два ума може да има подобар увид во резултатите од преземените чекори, па амбивалентноста која се толкува како песимизам и неодлучност всушност да доведе до подобар исход.
Проучувањето на амбивалентноста се врши, меѓу другото, со користење на софтвер за текстуална анализа, кој ги регистрира емотивно амбивалентните тонови. Ваквите содржини се зголемени во фрекфенција во текот на глобалната пандемија, поради помешаните чувства од она што се случува, особено на нејзиниот почеток - од една страна задоволство што може да се работи од дома и да се ужива во тишината на карантините, од друга високо ниво на стрес од можното заболување, изолацијата, економските проблеми. Но и без тоа, животот е доволно сложен за постојано да нуди ситуации на амбивалентност, кои се само одраз на таа комплексност.
Извор: Hidden Brain подкаст